Првиот човек на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов конечно денеска призна дека сносат вина за трагичниот случај со 63-годишниот човек од кратовското село Емирица, кому ниту една институција од која била побарана помош, не му излегла во пресрет за навреме да биде донесен во болница.
По 11 часа поминати во снег со мозочен удар и премрзнат на носилка бил носен по тешко пристапен терен до болница, каде вчера почина.
Она што досега го утврдила Комисијата во ЦУК е дека оперативецот од Кратово не побарал хеликоптер и не се обратил до Дирекцијата за заштита и спасување, поради што ќе биде покрената дисциплинска постапка.
Но, за разјаснување на целиот случај се обратиле и до министерствата за здравство, за внатрешни работи и за локална самоуправа.
– Од оние информации кои се досега достапни, од страна на кратовската полиција е испратена понуда до екипата на Брзата помош да бидат пратени неколку млади полицајци, кои би помогнале во извлекувањето на болното лице, за жал сега починато, но истите биле одбиени, рече Ангелов.
За барањето негова оставка поради овој трагичен случај, Ангелов рече дека тоа би било еден вид дезертерство и затоа останува на функцијата додека целосно не се реформира системот за управување со кризи.
Тој најави дека наскоро ќе профинкционира бројот за помош 112, на кој граѓаните ќе пријавуваат кога им е потребна помош во моментот, односно пријава на физички напади, сообраќајни несреќи, пожари и медицинска помош и ќе ги обединува 192, 193 и 194, како пто е примерот во ЕУ.
Прашањето е дали требаше да се случи ваква трагедија и да биде изгубен човечки живот за да се воведе нешто што во сите современи општества е нормална работа. И секако одговорност.