Вишокот на вработени кој што е констатиран одамна за некои градски претпријатија не бил пречка баш тие да си го зголемуваат бројот на вработените!? Ова, е честа појава во Скопје.
Јавното претпријатие „Градски паркинг“ лани стасало да го зголеми бројот на вработените за уште четворица во однос на бројката што ја имаше преклани. Така, од неодамна објавениот Годишен извештај за вработените во јавниот сектор што го објави Министерството за информатичко општество и администрација, се гледа дека во него на крајот на 2020 година има вкупни 252 вработени. Преклани, пак, во 2019 година ова јавно претпријатие годината ја завршило со 248 вработени.
А пред повеќе од две години токму ова и уште некои други градски претпријатија, скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги посочи како претпријатија во кои има превработеност.
–Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во „Градски паркинг“ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП „Скопје“ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. „Градски паркинг“ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат, рече тогаш скопскиот градоначалник Петре Шилегов тогаш на седница на Градскиот Совет.
Но, наместо да се намалува, бројот на вработените се зголемува. Зошто е тоа така, треба да објаснат надлежните во претпријатието, но и градоначалникот кој не покажува дека се противи на такви вработувања.
Инаку, Годишниот извештај покажува дека лани бројот на вработените во градски претпријатија се зголемил и во „Паркови и зеленило“ – од 503 во 2019 година на 510 во 2020 година. Наспротив ова, во други градски претпријатија бројката се намалила: Во „Водовод и канализација“ од 1.234 на 1.201, во „Комунална хигиена“ од 1.350 на 1.231, во „Улици и патишта“ од 269 на 249 а во ЈСП „Скопје“ од 1.363 во 2019 година на 1.307 во 2020 година.