Не може градоначалник кој никојпат не се качил на велосипед, да гради велосипедска патека, ниту пак сигнализација за пешаци ако никогаш не се нашол во улога на пешак
Сестрана личност, ликовен уметник, алпинист… Илина Арсова има големи забелешки за она што му се случува на нејзиниот роден град во изминативе години…
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Кругче, коцка, Лондон паб, мирис на липа, библиотеките и кината кои редовно имавме навика да ги посетуваме… И, секако, Водно, многу почисто и позелено од денес, каде што беа моите почетоци во спортското планинарење.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Ова Скопје денес не го препознавам. Во него има се’ помалку скопјани и се’ помалку од оние обележја кои јас ги паметам. Да не ме сфатите погрешно, подеднакво ги почитувам луѓето од другите градови, но не и културата односно некултурата која ја носат со себе. Дојдовме до дереџе каде таксистите ги поставуваат сообраќајните норми, а камионџиите се газди на патиштата. Комуналниот работник кој треба да воведе чистота во градот, самиот гнаси и плука онаму каде што штокуку навидум исчистил. Полицајците кои треба да се пример, самите го кршат законот. И така со ред, се градат идолите на новите генерации кои некогаш биле спортисти, глумци и уметници, а денес се заменети со старлети, криминалци и политичари.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Имам патувано и живеено во преку 50 држави на светот и тоа ширум 7 континенти. Можам да заклучам дека стандардот на една држава уште од авион, се гледа по три работи: Сообраќај, екологија и култура. На оваа тема апсолутно ништо добро не се има случено во Скопје. Не може градоначалник кој никојпат не се качил на велосипед, да гради велосипедска патека, ниту пак сигнализација за пешаци ако никогаш не се нашол во улога на пешак. Во Скопје нема ниту еден булевар каде пешакот може да стисне копче за колите да застанат, ниту пак да го премине булеварот наеднаш, туку на половината мора да чека пак да се вклучи зелено светло. Се’ додека не се поттикне инфраструктурата за пешаци и велосипедисти, но и да се едуцира шоферската заедница за правата и приоритетите на пешаците и велосипедистите во општиот сообраќај, нема да имаме организиран систем, ќе се гушиме во смог, на местото на зелените површини ќе градиме катни гаражи кои никогаш нема да се доволни. Не е виновна само власта, но и свеста на самите граѓани. Во една од највисоко организираните држави како Шведска, на секој влез од зградата станарите си пишуваат список кога одат на работа и во кој правец. На тој начин се групираат со другите соседи, го делат превозот и трошоците, влијаат врз намалување на загадувањето и не го оптоваруваат сообраќајот со возила. На пример, моите комшии во дворот имаат паркирано четири автомобили и секој посебно секое утро оди на работа. Каква глупост. Дали си мислиме дека е тоа некој престиж? Напротив, примитивизам.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Малку повеќе од колку што тој мене.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Се гордеам со историјата и со природата која била дарежлива кон нас. Се гордеам со истакнати фигури, уметници, револуционери, нашите баби и дедовци кои безрезервно се посветиле на изградба на градот. Во моменталнава ситуација, најмногу се гордеам и ги поддржувам нашите здравствени работници!
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– За мене беше пребучно, затоа и си заминав. Сум противник на прекумерна урбанизација особено кога тоа настанува без план. Голем противник сум на тоа што зелената граница на Водно од година на година се поместува нагоре што е спротивно на сите закони за заштитени подрачја. Меѓу другото, на Водно се изгради пат што остави трајна лузна врз планината, која ги претставува белите дробови наградот. За таа цел (која и да беше) се потрошија наши државни пари, а патот се затвори уште пред да се отвори.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасува повеќе зеленило, паркови, цвеќе, дрвја, магнолии, овошни дрва, галерии, пешаци и велосипедисти кои ќе можат безгрижно да движат по улиците без да бидат псуени и свиркани од сите околни автомобили кои овие субјекти од сообраќајот ги доживуваат како да им ја узурпирале спалната соба. Би одзела дел од бетонот на сметка на нови паркови за деца.
Во какво Скопје сакате да живеете?
–Скопје може да биде прекрасно место за живот. Но, свеста кај народот како и кај политичарите е на екстремно ниско ниво, а тоа нема сјајна иднина. Како и да е таа свест сама нема да дојде, сме ја имале некогаш, но веќе не. Треба да се оди по ред. Прво закон, одговорност и соодветни казни, за после десет години да се створат навики на здрава колективна свест.