Аеродромци добија уште една најава за новата општинска зграда. Овој пат најавата е дека „наскоро ќе биде распишан тендер за главен проект на објектот“, иако административниот објект како сервис на граѓаните требаше да биде веќе готов. Така, конкретно вети градоначалникот уште во програмата со која се бореше за актуелната позиција.
Последна информација на темата е таа дека според општинските пресметки за почетните активности во врска со изведбата, за до крајот на оваа година се испланирани 15 милиони денари, а другите средства ќе бидат предвидени со буџетите во 2022 и 2023 година.
Инаку, да се потсетиме, во програмата на Марин се наведува дека изградбата на нова општинска зграда е насушна потреба за граѓаните на општината и дека капиталната инвестиција ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Беше наведено и тоа дека ќе одговори и на други барања на граѓаните: во неа ќе има повеќенаменска сала, која ќе се користи за состаноци, но и за венчавање. Пред општинската зграда ќе има мултифункционален плоштад што ќе значи можност за повеќе активности на граѓаните и граѓанските организации.
-Изградбата на општинската зграда ќе придонесе за заштеда на средства од општинскиот буџет. Веќе 12 години од парите на граѓаните се издвојуваат секој месец од 6.000 до 8.000 евра на име кирија за изнајмениот простор. Општинската зграда 100 проценти ќе го задоволи јавниот интерес на граѓаните преку архитектонското решение и содржините планирани во неа. Рокот за изградба е 2018 – 2020 година, пишува во изборната програма на Марин.
На средина сме на 2021, а општината допрва ќе распишува тендер за главен проект. Инаку, трикатната оптштинска зграда е планирано да биде лоцирана на аголот на булеварите „Видое Смилевски – Бато“ и „Србија“ и ќе има полукружна форма. Новата зграда како што наведуваат од општина Аеродром, ќе значи крај на високиот месечен наем, а за аеродромци – пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги.
Да се надеваме дека барем овие најави овој пат ќе бидат реализирани.