Владата смета дека во овој момент на пазарот има недостиг на понуди за соодветни возила за потребите на Владата и нејзините служби и очекува тоа да се промени кон средината на идната година. Ова е заклучено на денешната седница на која е разгледана информација со компаративна анализа на увозни давачки при набавка на електрични и хибридни возила, споредени со увозни давачки при набавка на возила со дизел или бензински погонски мотори што ја подготви Царинската управа.
Препораката е сите владини институции во следните набавки задолжително да планираат понуди на електрични или хибридни возила, или возила кои користат најмалку загадувачки горива.
-Доколку од страна на институциите се набавуваат хибридни возила задолжително да бидат со систем на полнење со електрична струја (plug in hybrid) и комбинирани со бензински мотори, бидејќи на тој начин се користи намален ДМВ за 50% во однос на редовниот ДМВ и дополнително понизок износ заради користење на бензински мотор. Понатаму, да се има предвид дека електричните возила се целосно ослободени од плаќање ДМВ (0% ДМВ) со што се намалува и основицата за пресметка и на ДДВ-то за возилата, а трошоците за гориво се целосно елиминирани во текот на нивната експлоатација, се вели во препораката од Владата.
Царинската управа во анализата предлага при набавката на возилата од страна на државните институции да се земат предвид возила сo потекло од земјите со кои нашата земја има договор за користење на преференцијални стапки за увоз на нови возила од 0% царина, (ЕУ, Турција или Велика Британија).
При набавка на возила од долна или средна класа, од страна на институциите, тие да бидат со вредност при увоз до 10.000 евра со цел за нив да не се плаќа вредносна компонента при пресметка на данокот за моторни возила (ДМВ), бидејќи до таа вредност данокот е 0%.
Во случај пак, да се бира меѓу возила на бензински или дизел мотор, изборот да биде на оние на бенин, бидејќи еколошката компонента при пресметка на ДМВ кај возилата со бензински мотори е за 50% пониска по износ од возилата со дизел мотори.