Кога некој атлетичар за првпат ќе направи скок во височина и тој да е 165 сантиметри, веднаш е јасно дека се работи за голем талент. Зошто? Па таа висина е само еден еден сантиметар пониска од дотогашниот актуелен македонски младински рекорд. Токму таква е приказната со атлетичарката Михаела Лазаревска од Гевгелија која по тоа достигнување кон крајот на септември отиде и чекор подалеку: успеа да прескокне 167 сантиметри и стана државна рекордерка во скок во височина, го собори рекордот кој бил стар цели 14 години.
– По првиот обид оваа година кога прескокнав 165 сантиметри знаев дека ми фали многу малку до нов македонскиот рекорд, затоа постигнувањето на истиот не беше големо изненадување за мене. Верував дека го можам тоа и многу сум среќна што ја остварив мојата цел за оваа сезона, ни вели Михаела.
Уште поспецифично е тоа што оваа 18-годишна спортистка прво почнала да тренира ракомет и за атлетиката не ни сонувала.
-На ракометот посветив повеќе години од мојот живот, но не ја добив шансата што ја заслужував. Но, додека тренирав ракомет одев и на индивидуални тренинзи кај тренерот Кристијан Кајчевски. Тој забележа дека сум разочарана после секоја утакмица и реши да ме пријави на следниот натпревар атлетика. На натпреварот постигнав прилично добар резултат без тренинг и од тогаш единствена опсесија ми беше да го подобрам тој резултат, односно да поставам нов македонски младински рекорд. Ја изгубив желбата за ракомет, но во мене се роди нова љубов кон атлетиката, ни раскажуваа таа.
Потоа следеа и настапи на Балканското првенство во Истанбул каде го освои 11–то место и на Европското првенство во Лимасол, Кипар каде беше осма.
– Кон дисциплината скок во височина ме привлекува адреналинот. Сакам предизвици, сакам да се докажам и да ги тестирам сопствените граници. Сметам дека тоа можам да го направам во оваа област. Се разбира дека талентот е важен за постигнување на добар спортски резултат. Но само со талент можеме да стигнеме до некое одредено ниво, а доколку талентот е надополнет со добти и ефикасни тренинзи, тогаш ке можеме повеќе да напредуваме, потенцира Михаела.
Таа, инаку, е студент на прва година на студиската програма археологија. Освен спортот ги сака и животните и природата каде најчесто го поминува слободното време. Но, постојано мисли и за следните цели.
– Како и секој спортист сонувам за постигнување на врвни спортски резултати и во светски рамки. Во следните години планирам максимално да се посветам на спортот и да видам до каде ќе ме однесе тоа. Да ги подобрам моите физички и моторни способности, да ја усовршам техниката и целото движење, се да биде сведено на најдобро ниво, ветува Михаела.
Се очекуваат нови рекорди
Нејзиниот тренер Кристијан Кајчевски вели дека Миахела е талент со кој треба да се работи
– По само неколку мали корекции во залетот и техниката успеа да постави нов државен рекорд за младинци. Таа е талент, на кој му треба квалитетна логистика и прецизна работа. Зимово очекувам во сала да постави нов младински и сениорски рекорд, а за следната сезона на отворено ќе го нападнеме сениорскиот државен рекорд кој изнесува 172 сантиметри. Потенцијалот на Михаела го гледаме кон постигнување на норми за високите европски и светски првенства, а се разбира и норма за олимписки игри, најавува Кајчевски.