Инспекторите за транспорт не успеваат ни да влезат во канцелариите на „Беса транс“ за да извршат вонреден надзор. Последно, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски беше прашан од новинарите зошто се дозволува ова одолговлекување и како е можно да не може да му се направи вонреден надзор после таква трагедија во која изгореа 45 лица, но тој ја префрли топката во инспекторатот. Не бил тој надлежен туку тоа било работа на инспекторите.
-Зарем сега е време министерот да „мери“ надлежности? Зарем не треба гласно и јасно да апелира дека итно, со сите можни средства мора надлежните да влезат во „Беса транс“? Зарем и во ваква трагедија ли најдовте можност да си ги префрлате како топка вашите обврски, и ниеден да се зафати да ги спроведе?! – се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
Срамно и смешно. Но, изгледа не и за оние кои треба најмногу да се срамат што не преземаат ништо: органите за истрага и надзор.
Во меѓувреме, сопственикот на „Беса транс“, за истото време додека тука останува недопирлив, веќе два пати бил на распит во бугарското обвинителство, како што синоќа објавија дел од медиумите. Бугарските надлежни органи најавија брза разрешница на случајот, додека во Македонија уште не може ниту да се влезе во агенцијата за да се направи надзор.
Но тоа не е се. „Беса Транс“ најверојатно организира екскурзии од јануари натаму, без проблем, иако не смее да работи под ниедна основа. Од агенцијата за медиумите рекле дека се уште не знаат како и кога ќе се патува, но дека тоа ќе биде во јануари. Откако информацијата одекна во јавноста, „Беса Транс“ официјално се обрати дека тие биле посветени на истрагата и во ниту еден момент не организирале нови патувања.
Трагедијата со автобусот на „Беса транс“ се случи на 23 ноември, кога на автопат во Бугарија се случи тешка сообраќајна несреќа во која изгореа 45 лица, а 7 беа сериозно повредени.