А има ли нешто поубаво од дечиња?

Една од најголемите маки кои ги има Македонија е слабиот наталитет. Младите по многу работи се попалени, но значаен дел од нив не и за раѓање деца.

Ново намалување на бројот на живородени деца е забележано во Македонија во текот на минатата година во споредба со годината пред тоа. Државниот завод за статистика објави дека во Македонија минатата година се родени вкупно 18.790 деца, од кои живородени се 18.648, а мртвородени 142.

Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 51,1 процент, односно на 100 живородени женски деца 104,5 се машки. Според месецот на раѓање, најголем број раѓања има во месец јули, односно 1 735.

-Според возраста на мајката, најголемо учество од 34 отсто имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.2 години, а 27.5 години кај првите раѓања. Генерациската година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1992 година, се наведува во соопштението.

Во 2021 година се регистрирани и 20 живородени деца од мајки на возраст под 15 години. Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2 546 деца, или 13,7 проценти од вкупниот број на живородените деца припаѓаат на вонбрачните.

Споредено со минатите години, во 2021 година се родени значајно помалку деца. Податоците на ДЗС, покажуваат дека во 1994 година во наша земја биле родени вкупно 31.421 бебиња. Потоа, секоја година се намалувал број на новородени деца, во просек од 1.000 до 2.000 бебиња. Во 2000 – та година тој изнесувал 26.168, во 2010 – 24.296, во 2014 – 23.596, во 2018 – 21.333, во 2019 – 19.854 и во 2020 – 19.167 бебиња.

Ако на ова се додаде и засиленото иселување на населението од Македонија, тогаш јасно е зошто македонското население полека се топи. А има ли нешто поубаво од дечиња? Плус, бебињата се иднината, а сите по иднината некако хипнотизирано трчаме, ја посакуваме, но на пород забораваме…

Претходна вестКире Лазаров: Завршува мојата играчка кариера, сега како тренер ќе поместуваме граници
Следна вестЛевица: Единствен кој треба да се гони кривично е претседателот на бугарскиот клуб во Битола