Левица: Единствен кој треба да се гони кривично е претседателот на бугарскиот клуб во Битола

Денешната објава за експресно апсење на лицето кое го запали клубот, што го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, само потврди дека власта на СДСМ и ДУИ е во целосна служба на бугарскиот неоврховизам, соопшти денеска партијата Левица.

Оваа опозициска партија потсетува дека пред еден месец поднесела кривична пријава против претседателот на здружението „Ванчо Михајлов”, поради „излагање на подбив на македонскиот народ” и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа”.

-За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка, се потенцира во соопштението.

Левица наведува и тоа дека повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза.

-Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски. Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ! Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Алабаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната, се наведува во партиското соопштение.

Претходна вестА има ли нешто поубаво од дечиња?
Следна вестСега е порешително: Бочварски и од Тирана порача дека приоритет се патиштата