Ацо Шопов во литературното списание „Апулеј”, од Париз

Вчера, 22 мај 2023 година, во просториите на издавачката куќа „Зулма” од Париз, беше промовиран осмиот број на годишното списание за литература „Апулеј” во кое еден блок му е посветен на Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање. Под наслов „Ацо Шопов: Поет низ кој дише светот”, блокот содржи опширен портрет на македонскиот поет (од Јасмина Шопова) и осврт кон симболиката на крвта (од францускиот писател Ив Бержере), придружени со песните „Има долу една крв”, „Небиднина” и „Тажачка од онаа страна на животот”, како и со еден од неговите ретки прозни текстови „Во пет и седумнаесет”, посветен на скопскиот земјотрес кој се случи пред точно 60 години.

Осмиот број на списанието „Апулеј” им посветува 450 страници на „Големите надежи” и содржи поезија и проза од околу 90 писатели од европскиот и медитеранскиот свет, меѓу кои неколку писатели од Југоисточна Европа, како Василис Василикос и Георги Господинов. Покрај Ацо Шопов, во посебни блокови се претставени францускиот поет Анде Бретон и алжирските писатели Мохамед Диб и Хавад.

Промоцијата ја водеа Лор Лероа, директорка на издавачката куќа „Зулма” која го објавува списанието „Апулеј”, француско-алжирскиот писател Јахија Беласки, секретар на редакцијата на списанието, и францускиот писател со туниско потекло Хубер Хадад, директор на „Апулеј”.

На промоцијата беа претставени Ацо Шопов, Мохамед Диб и избор од современата иранска и јидиш литература. Шопов го претстави Јасмина Шопова, а стихови од него читаше француската писателка Доминик Меми.

 

Претходна вестПрвезувал 23 мигранти во „мерцедес вито“, пред него возел автомобил како претходница
Следна вестЧадеж: Од 1 јули ќе почне да функционира отворениот пазар на труд меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија