Алармантно: Се намалува наталитетот, се зголемува иселувањето, константна е само незаинтересираноста на власта

Намалувањето на населението треба да ги загрижи и сите во едно семејство – особено младите, а и сите во политиката. Без население, без подмладок, нема реален напредок и подобро утре, вели Иван Јаневски

Граѓаните, бараат Владата да им покаже дека мисли на нив, дека ќе им отвори простор за егзистенција, за правда, за рамноправност…, за да останат во Македонија и во неа да прават свои семејства

Лоша е состојбата во земјата, но и младите претеруваат, сакаат сите услови да им се задоволени па да родат дете. Така не беше порано и затоа опстанавме како народ, вели Давор З.

Македонија има се помалку жители. Многу луѓе заминуваат во странство. Ако на сетоа тоа се додаде дека во родилиштата се помалку се слуша бебешко плачење… работава станува ептен загрижувачка, алармантна. Пописот на населението спроведен пред две години обелодени: во земјава има само 1,8 милиони жители, а беа нешто над 2 милиони пред дваесетина години. Лошиот тренд не запира. Семејствата имаат се помалку деца, а родителите чии деца се студенти дури и отворено ги поддржуваат да заминуваат во странство.

-Намалувањето на населението треба да ги загрижи и сите во едно семејство – особено младите, а и сите во политиката. Без население, без подмладок, нема реален напредок и подобро утре, ни коментира Иван Јаневски.

Причините за сето ова се бројни.

-Сама им кажав на двата сина да заминат во странство. Тука им бараа да се зачленат во партија, да им трчат на избори, а за вработување „после ќе се видело“. Заминаа и се снајдоа. Во нашето општество има многу трули работи. Владите вработуваат само свои активисти, работодавците се лоши. Како да не се иселуваат?, ни вели Вера Јаворац.

Сите чекаат „нешто“

Лани во Македонија се родиле вкупно 18.183 деца, што е за 4.892 помалку отколку во 2015 година. Просечната старост на мајките при породувањата изнесува дури 29,4 години, а кај прворотките 27,7 години. Тоа значи дека малку време останува за второ, трето дете… .

-Просечната плата во Македонија едвај стига за едно дете. Тоа е проблем, зашто сите сакаме да живееме современо. Никој не би сакал да создава семејство без каква таква обезбедена сигурна иднина, смета Зоран Бошначки.

Според други соговорници намалениот наталитет е и поради лошото здравство и образование, но и поради желбата на младите да останат без обврски подолго време.

-Лоша е состојбата во земјата, но и младите претеруваат, сакаат сите услови да им се задоволени па да родат дете. Така не беше порано и затоа опстанавме како народ, вели Давор З.

Воведувањето на платено породилно отсуство за жени-земјоделки, можноста и таткото да користи 4 месеци породилно отсуство, се промени коишто се направија во последниот период. Изминативе години поранешната владина коалиција презема и други мерки–  се даваа 8.000 денари за трето родено дете, 11.000 денари за четврто, олеснета пензија за мајка со 4 деца, помош за купување на станови… Но, сега голем дел од ваквите мерки згаснаа со образложение дека не вродиле со плод. Но, зошто нема други – подобри?

Додека се чека „нешто“ да се случи за да се зголеми наталитетот луѓето заминуваат од земјава. Ако некогаш се одело на сезонска работа во земјоделието, во градежноштвото, угостителството… сега се оди засекогаш. На хрватското приморје врие од наши сезонски работници, фирмите од Словенија организираат  мини-саеми на кои нудат вработувања. И оваа лето голем број на студенти заминаа на работа во странство преку системот „ворк едн травел“. Колкумина од нив нема да се вратат?   

-Луѓето се иселуваат зошто не постои мерит систем, постои партиска и негативна селекција, уназадено здравство, образование, не почитување на законите, двојни стандарди, некои малцинства не плаќаат данок и електрична енергија, значи Законот не важи за сите. Владата не презема никакви мерки. Лично, прва прилика и јас планирам да си заминам, вели Трајче Рушев.

Анкетите меѓу младите од лани покажаа дека над 60 проценти од нив посакуваат да се иселат.

 Уште се чекаат државните мерки

Властите никако да преземат осмислени мерки со кои би се потикнало раѓањето и би се запрело заминувањето во странство. Не се знае ни колку е остварена Стратегијата за демографски политики од 2015 до 2024 година. А, во ноември лани владините функционери најавија изработка и на новата стратегија…

-Прво би вовел редовно породилно за секоја родилка во износ на една просечна плата во траење од две години, без разлика на работен однос. Политиката на двете ограбувачки партии си го стори своето. Денес секој сигурност и егзистенција за фамилија бара надвор од границите, ни вели Јордан Коцев.

Бранка Панеска, пак, има друг предлог.

 -Мајките не треба да бидат уценувани од работодавците во стилот: „Ако мислиш да одиш на боледување, нема работа“. Како ќе ги гледаат децата ако не се вработени или се на минимална плата. Тоа е проблемот, смета таа.

Од владините функционери само постојано ветуваат нови инвестиции, нови вработувања, предност за професионалците…, а во јавноста секојдневно избувнуваат скандали со вработувања на партиски членови, а предимство им се дава и на децата на политичарите. Од друга страна, граѓаните, бараат Владата да им покаже дека мисли на нив, дека ќе им отвори простор за егзистенција, за правда, рамноправност… за да останат и прават свои семејства во неа. Но, ќе извлечат ли поука и младите, дека децата се и задоволство и иднина, а воедно да разберат дека децата никако не се терет?

Потребно е и домашно воспитување

Ели Шикаловска решението би го барала во самото семејство.

-Пред се треба да се тргне од домашното воситување на децата. Девојчињата треба да знаат дека треба да станат мајки, и да им се укажува за убавината на мајчинството. Во спротивно има и откажување од семејниот живот. Машките деца треба да се воспитуваат на коректност, неагресивност, почит и љубов. Не е се во слободниот живот без обврски. А иселувањето се случува од економски причини. Значи, јас би почнала од воспитувањето во семејството и вклучувањето на општеството во средувањето на животите, смета таа.

Претходна вестПендаровски: Има руско влијание во Синодот на МПЦ-ОА, не мислам на поглаварот Стефан
Следна вестДраматичнo во Франција: Демонстранти го запалија базенот што се гради за Олимписките игри, горат и автобуси…