Темно Режим Светло Режим

Анализа на Прва Скопска ТВ: Десет работи што треба да му се случат на Скопје во 2026 година

Прва Скопска ТВ според анализа на редакцијата, но и според коментарите на социјалните мрежи од нашите гледачи и читатели на веб страната направи селекција на она што е неопходно да му се случи на Скопје во 2026 година. Еве ги десетте топ приоритети за главниот град годинава во избор на скопјани.

1.Вистинска пресметка со дивоградбите и ревизија на спорни ДУП-ови

Скопје мора да започне неселективна борба против дивоградбите, вклучувајќи ги и големите објекти изградени без дозвола. Не е доволно да се срушат неколку помали објекти. Паралелно со ова неопходна е и ревизија на деталните урбанистички планови што овозможуваат прекумерна и хаотична градба. Само со јасни правила и нивна примена во 2026 година може да се врати довербата во урбаното планирање и градење.

2.Реално решение за јавниот превоз

Конечно треба да се почне со постудиозно средување на Јавниот превоз во Скопје. Нужно е функционално и изводливо решение, а не политичко. Бескрајните планови и експерименти оваа година треба да се слеат во еден план и тој да почне да се реализира. Потребен е систем што ќе биде брз, достапен и сигурен, за да ги намали гужвите и користењето на автомобили, а и загадувањето.

проватни автобуси

3.Системска борба против загадувањето на воздухот, со мерливи резултати

Оваа година треба да почнат посериозно да се спроведуваат долгорочните мерки за борба против загадувањето. Краткорочните не се доволни. Неопходно е редовно јавно објавување на податоци и ефектите од преземените активности. Без опипливо намалување на штетните честички, сите стратегии остануваат само декларативни.

4.Реконструкција на дотраената водоводна и канализациска мрежа, како и на улиците

Голем дел од водоводната и канализациската мрежа во Скопје е стара и нефункционална. Пречесто пукаат цевки и се губат големи количини на питка вода. Нужно е темелно да се тргне во обнова на инфраструктурата, а не да се реагира откако ќе има инцидент. Загубите на вода и честите дефекти претставуваат сериозен инфраструктурен проблем кој годинава треба да се решава. Исто така мора да се средат улиците кои изобилуваат со дупки.

5.Сериозен план за управување со отпадот и поголема чистота низ градот

Во 2026 година Скопје мора да го решава потемелно системот за селекција, рециклажа и безбедно отстранување на отпадот. Дивите депонии мора да бидат трајно затворени, а не периодично расчистувани. Потребна е и едукација на граѓаните, но и строги казни за непочитување на правилата. Чист град е основа за здраво живеење. Мора да се дигне и нивото на чистота низ градот.

6.Обнова на спортската инфраструктура, а и градба на Универзалната сала и Луна паркот

Многу од спортските терени, сали и рекреативни зони се запуштени или небезбедни. Нивната обнова е инвестиција во здравјето и социјалниот живот на граѓаните и треба да се направи. Треба конечно да се реши и градењето на Универзална сала, како и на Луна Паркот, тоа се два објекти кои предолго се ставени по страна.

7.Подобра контрола на сообраќајот и стоп за кражбите и разбојништвата

„Сејф сити” мора да почне да работи без застои и нејаснотии. Сообраќајната полиција и понатаму треба да биде на улиците заради многуте збеснати возачи. Во оваа година треба да започне и постудиозна институционална пресметка со крадците и насилниците. Има премногу уличен криминал. Воедно, треба да се решава и ноќната бучава и неконтролираниот угостителски бизнис сериозно го нарушуваат животот на жителите во центарот.

8.Дигитализација на градските услуги

Граѓаните очекуваат брзи, јасни и достапни услуги без редици ибирократија. Дигитализацијата може значително да ја зголеми ефикасноста и транспарентноста на градската администрација. Онлајн услугите треба да станат правило, а не исклучок. Ова е прашање на функционалност, а не луксуз.

9.Сеопфатна гасификација на градот

Гасификацијата е клучен чекор во намалувањето на загадувањето и зависноста од цврсти горива. Потребна е забрзана изградба на гасоводната мрежа и стимулации за приклучување на домаќинствата. Ова директно ќе влијае на квалитетот на воздухот во зимските месеци. Без гасификација, борбата со загадувањето останува половична.

10.Обнова и заштита на зелените површини

Зелените површини не смеат повеќе да бидат резерви за идни градби, туку заштитено јавно добро. Потребна е поголема обнова на паркови, дрвореди и зелени појаси, особено во густо населените населби. На Скопје во 2026 година му требаат повеќе дрвца и нови паркови односно повеќе зеленило.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Новогодишна закана во САД: ФБИ спречил повеќе планирани терористички напади

Следниот Пост

Од 119 повредени во пожарот во Кран Монтана идентификувани се 113