Антикорупциска комисија за ДУП-от во Центар: Обвинителство да ја утврди одговорноста на Тодоровиќ, Жерновски…

Иницијатива до Јавното обвинителство да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, како и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година и планерите и планерската компанија „Билт“, покрена денеска државната Антикорупциска комисија. Се смета дека сите овие лица прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“, кој го опфаќа и земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“ во различни временски периоди.

Постојат основи на сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 в. в. став 1 од Кривичниот законик. Иницијативата е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“ за Општина Центар, за 2012-2017 година, тие ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко. Тие со своето постапување или непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со Генералниот урбанистички план (ГУП) и да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцела која е дел од ДУП Ц08“, рече на денешната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

За потсетување, Владимир Тодоровиќ беше градоначалник на Центар во период од 2009-2013 година, а Андреј Жерноски во периодот од 2013-2017 година.

Во својство на овластени планери во правното лице ДПУП Билд ДООЕЛ Скопје, иако знаеле дека согласно член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање деталниот урбанистички план, како план на пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Сепак, постапувајќи, предвиделе поголема густина на населеност од 500 жители по хектар, спротивно на густината која ја предвидел ГУП од 2002 што тогаш бил во важност, така што не го усогласиле Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план, рече Ивановска.

Антикорупционерите од Јавното обвинителство барат да ги преземе сите истражни дејствија, да ги обезбеди сите неопходни докази, да ги утврди сите релевантни факти и да донесе законита и правична јавно-обвинителска одлука.

Претходна вестШилегов: Просторот кај паркингот до ГТЦ треба да доживее трансформација, но каква – ќе одлучуваме заедно
Следна вестВо затворот во Штип пронајдена дрога