Апелациониот суд во Скопје ја уважи жалбата и ја поништи пресудата со која портпаролката на Владата, Марија Митева, беше осудена по тужба за навреда и клевета поднесена од Дарко Каевски, тогашен пратеник на СДСМ. Со оваа одлука завршува судскиот процес кој траеше речиси пет години.
Митева во својата јавна реакција истакна дека, иако за дел од јавноста случајот можеби е веќе заборавен, за неа тој претставува суштинско прашање поврзано со правдата и слободата на говор. Таа посочи дека во периодот кога СДСМ јавно се повикувале на слободата на изразување, во практика, како што вели, се обидувале да ја ограничат преку правни конструкции и судски тужби.
Според неа, наместо аргументи биле користени конструкции, наместо одговори – тужби, а наместо отчетност – обиди за замолчување, додавајќи дека ваквиот пристап не е напуштен ниту денес.
Митева нагласи дека во периодот кога била во опозиција секогаш внимавала на тоа што го зборува, зошто го зборува и со каква цел, истакнувајќи дека нејзиниот јавен настап бил заснован на факти и внимателно одмерени аргументи. Според неа, одлуката на Апелациониот суд е потсетник дека правдата во Македонија често доаѓа бавно, но дека правото не смее да се користи како средство за притисок, туку како заштита на основните слободи.
„Борбата за слободен и одговорен јавен говор не смее да престане“, порача Митева.