Скопска апелација денеска јавно ќе расправа за случајот „Саздовски“, откако по пресудата од по 19 години затвор за обвинетите Бесир Бела и Скендер Демири, одбраната се жалеше во Апелациониот суд. Двајцата во април лани беа осудени од Кривичниот суд за смртта на Никола Саздовски.
Но не се жалеше само одбраната, ами и скопското обвинителство кое бара максимална казна за двајцата осудени, а не по 19 години. Третообвинетиот за убиството на момчето, Јетон Љужа беше во бегство, но германските власти го екстрадираа во Македонија на 21 септември, откако беше лоциран на нивна територија.
Бруталното убиство се случи на 29 јуни 2018 година, околу 17.45 часот, на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“. Тројцата му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Кога им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано почнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите по што тој паднал во кома. Како резултат на повредите, на 9 јули 2018 година Саздовски починал на скопската клиника.