Архиепископ г.г. Стефан на чествувањето за Кирил Лешочки: Со запазување на верата го чуваме и нашиот идентитет

Со запазување на верата го чуваме и нашиот идентитет, истакна денеска поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во Лешочкиот манастир тој одржа празнична беседа по повод првото литургиско чествување по прогласувањето на Кирил Пејчиновиќ во светец Кирил Лешочки што се случи минатата 2022 година.

-Од запазувањето на верата, зависи запазувањето на целокупниот наш народен, културен и јазичен вид. Преподобниот Кирил и со своите слова и со својот живот ни покажува дека со искрено и истрајно Богољубие со вистински христијански етос се преобразува целиот етнос. Неговите преродбенички напори од доменот на писменост извираат од севкупното предание на црквата и нивната цел секогаш е најзначајната средба, средбата со човекот на самата светлина на светот. Секогаш молитвено да му се обраќаме на светиот Кирил Тетоец, а неговите просветителски напори да ги почитуваме, неговите поуки да ги препрочитуваме, неговиот светол христијански живот да го поддржаваме. Ако тоа го правиме ќе ја исполниме Свети Климентовата и негова порака да бидеме христијани по животот и делата, а не само по името, рече г.г. Стефан во беседата.

Тој рече дека му благодариме на Бога што ни го дал Кирил Лешочки.

-Му благодариме што во денешниот славеник ни даде личност од нашиот род кој продолжувајќи го делото на неговите и нашите славни предци, светителите и просветелите Кирил и Методиј и Климент и Наум, пред две столетија силно заблеска под македонското небо. Навистина во преподобниот Кирил монахот светогорски, игуменот на Марковиот и Лешочкиот манастир, просветителот македонски и светителот сехристијански, имаме прекрасен показател за  обилноста на даровите што Бог ги излива врз оние кои врват по патот на светоста, истакна г.г. Стефан.

Светиот Архијрејски Синод на МПЦ минатата година донесе одлука за прогласување на светец на Кирил Пејчиновиќ. На 15 и 16 октомври 2022 за време на канонизацијата, 25 март беше определен како ден кога ќе се празнува светецот Кирил Лешочки. За новоканонизиранот светител е живописана икона и е напишано Житие, Акатист, Утрена и Вечерна богослужба.

Тој бил просветител, преродбеник, писател, исцелител. Неговата дејност има големо значење за македонската литература, пред се затоа што пишувал и печател дела на народен јазик. Негови најпознати дела се Огледало, печатено во Будим, во 1816 година и Утешение грешним, печатено во Солун, во 1840 година, во печатницата на Теодосија Синаитски. Почива во дворот од Лешочкиот манастирски комплекс.

Претходна вестУтре времен сообраќаен режим на булеварот „Киро Глигоров“ и на Водно
Следна вестЛука Дончиќ: Во последно време се чувствувам како да не сум јас, туку само стојам на теренот