Архиепископот Стефан в недела на заедничка литургија со вселенскиот патријарх Вартоломеј

В недела ќе се одржи прва заедничка литургија на поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот г.г. Стефан и на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Делегацијата на МПЦ – Охридска Архиепископија, предводена од неговото блаженство, архиепископот г.г. Стефан престојува во Истанбул за да на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија „Свети Ѓорѓи“ во Фанар ќе одржи заедничка патријаршиска и синодална света литургија со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.

Во пресрет на заедничката литургија, патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан попладнево ќе одржат богослужба на која на нашата Црква официјално ќе и биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска Архиепископија. Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

– Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денеска, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и синодален акт, беше наведено во одлуката на Вселенскиот синод, во која се додава дека како име на нашата Црква го признава „Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.

По ова, на 16 мај Соборот на Српската православна црква одобри канонско единство со МПЦ – Охридска архиепископија, прифаќајќи го „општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ доделен во 1959 година“, по што следуваше заедничка архијерејска литургија за воспоставување литургиско и канонско општење на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград со која сослужуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан. На втората заедничка литургија на двајцата поглавари, овој пат во Соборниот храм во Скопје на 24 мај, патријархот Порфириј упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, по што архиепископот Стефан оцени дека „дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“. По ова на, 6 јуни патријархот Порфириј на архиепископот Стефан во Белград му врачи акт со кој се потврдува одлуката на СПЦ да ја одобри и да упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, најавувајќи дека документот ќе биде доставен и до другите православни црква. Во документот се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ, како и на дијаспората. Архиепископот Стефан потенцираше дека сега процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, изразувајќи надеж дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

– Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го подржат и останатите сестрински православни цркви, а Вие ваша светост направивте чекор со историско значење, како за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие, рече архиепископот Стефан.

Во пресрет на посетата на црковната делегација на Вселенската патријаршија, вчера се огласи Светиот синод на Православната црква на Грција, која соопшти дека Атинската Архиепископија „со задоволство го прими писмото од Вселенската Патријаршија во кое се известува за исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење“ на светата Охридска Архиепископија, под водство на неговото блаженство архиепископот г. Стефан. Истовремено, Светиот архиерејски синод на Атинската архиепископија изразува сериозна загриженост поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, „поради користењето на името „Македонска православна црква“, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикација има област наречена Македонија“.

Претходна вест191 сообраќајни прекршоци во Скопје, казнети 39 пешаци
Следна вестПетков нема да дозволи Бугарија да влезе во изборна спирала