Петков нема да дозволи Бугарија да влезе во изборна спирала

Нема да дозволиме Бугарија да влезе во изборна спирала поради нечие его, задкулисни игри или нешто друго, порача синоќа бугарскиот премиер Кирил Петков. Тој одржа состанок со коалициските партнери, откако Слави Трифонов од Има таков народ (ИТН) вчера реши да излезе од Владата.

-Бугарските граѓани треба да знаат дека оваа коалиција и овој состав стои зад нив. Се што зависи од нас ќе направиме за Бугарија да продолжи со истата влада што ја има во моментов, нагласи Петков.

Тој претходно порача дека е подготвен да води малцинска влада, но и оти се надева дека дел од пратениците од партијата на Трифонов ќе останат во владејачката коалиција.

Во изјавата пред бугарските новинари Петков порача дека избори не се потребни во период на војна, енергетска и гасна криза, како и во период кога до крајот на годината треба да се усвојат 20-тина закони кои би ѝ овозможиле на Бугарија да добие пари од Брисел.

-Обединети сме и велиме „не“ за хаос, „не“ на поединечни одлуки кои може да ја фрлат цела држава во криза и ’да‘ за обединетост и за борба против корупцијата. Бугарските граѓани треба да знаат дека оваа коалиција и овој состав стои зад нив и приоритет број еден ќе биде донесување на буџетот, рече Петков во кратката изјава по која не сакаше да одговара на новинарски прашања.

Петков стана премиер на Бугарија во декември 2021 година како еден од двајцата предводници на движењето Продолжуваме со промените. Во владината коалиција која траеше само шест месеци со него влегоа и: Има таков народ (ИТН), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија. Откако лидерот на ИТН, Слави Трифонов, објави дека ја напушта Владата, сега коалиција без 25-темина пратеници од партијата на Трифонов, би имала вкупно 109 пратеници, а за мнозинство се неопходни 121 глас во 240-членото Народно собрание.

Од друга страна, Ива Митева, пратеничката од партијата „Има таков народ“ и претседател на двете претходни бугарски народни собранија во интервју за Нова ТВ изјави дека на земјата не и се потребни предвремени избори, и дека тие дури и се опасни во моментов.   Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, Митева смета дека ИТН треба да се обиде да формира нова влада.

Таа појасни дека „Има таков народ“ нема да ја поддржи владата на „Промените продолжуваат“. Доколку бугарскиот претседател им го додели третиот мандат, ќе се обидат да го реализираат.

-„Има таков народ“ ќе се обидат да направат влада на широка согласност, рече Митева.

Претходна вестАрхиепископот Стефан в недела на заедничка литургија со вселенскиот патријарх Вартоломеј
Следна вестАвтомoбил се преврте на коловозот пред зградата на МАНУ