Арсовска: Градот Скопје ниту е пред банкрот, ниту ќе банкротира

Градот ниту е пред банкрот, ниту ќе банкротира и прави се што е технички возможно да ги врати долговите кои ги наследил од претходните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои работеле недомаќински и ги задолжиле скопјани за милионски суми, изјави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа на денешната сдница на Советот на Град Скопје уште еднаш повтори дека не е блокирана сметката на градот, туку имало проблеми со трансакциите поради неодамнешниот хакерски напад на Министерството за финансии.

-Да не беше хакираниот напад на Министерството за финансии, се што е тековна обврска ќе ни беше исплатено. Меѓутоа ние не зборуваме дека Трезорот не функционира веќе трета недела, ќе зборуваме за градот дека бил банкротиран. Економски неписмено е да зборувате и да кажете дека една ваква институција е пред банкрот, рече Арсовска додавајќи дека Градот Скопје бил оставен со сметка од 10 милиони евра но и долг од 100 милиони евра.

Таа истакна дека сите проекти оставени од претходното раководство на Градот Скопје, под водство на СДСМ и Шилегов, се со низа проблеми. Арсовска го наведе примерот со улицата „Љубљанска“ која е започната без решени – имотно правни работи.

-За мостот АСНОМ имало 285 неразрешени експропријации пред да  се почне да се гради мостот. Зошто не ги разрешивте екоспропријациите? Ниеден ден немаше да се чека, ќе го направевме за три месеци. Не можете да оставите проблеми, а да очекувате итно решение. Универзална сала, дониран проект, констатирано небезбеден, технички решенија, фалат два столба, не излегол никој на терен пред да ви го дадат тука проектот да го гласате. Универзална сала е до онаму до кај што сте ја довеле, рече таа обраќајќи им се на советниците од СДСМ.

Како пример за нерешени експропријации таа ја наведе и клучката кај Момин Поток, а во случај на улицата „Васко Карангелески“ проектот бил почнат но удирал во дел од ограда на МВР-Скопје каде требало да се помести трасата. Во случај на улицата „Есенинова“ се појавил проблем со бунарите кои не се поставени каде што е потребно.

Градот Скопје, пак, попладнево соопшти дека коалицијата ДПМНЕ – СДСМ работи против интересите на граѓаните во Советот на Град Скопје.

-Претседателот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денес одби по четврт пат да ја стави на дневен ред во Советот за гласање предлог точката за набавка на нови еко-автобуси за потребите на граѓаните. Само поради антинародната коалиција  ДПМНЕ – СДСМ во Советот на Градот Скопје, скопјани нема да добијат 50 нови, модерни и еколошки автобуси, наведуваат од Градот Скопје.

Претходна вестТрипуновски: Млад кромид и пиперка со пестициди се пуштени во промет
Следна вестЗатвореник од Арачиново настрадал возејќи мотор