Разидувањата меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовка и в.д. директор на скопски „Водовод и канализација“ Златко Перински кого таа во петокот го разреши од функцијата денеска имаа продолженија. Перински закажа прес-конференција во холот на претпријатието, а Арсовска ненајавена се појави пред „Водовод и канализација“ по што Перински ја покани градоначалничката да присуствува на прес-конференцијата.
За потсетување: до разрешувањето дојде, како што соопшти Кабинетот на Аросовска, поради неговото „самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер вреден 136 милиони евра за изведба на пречистителна станица“.
-Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој државата има добиено грант од 70 милиони евра. Цел процес се води под надзор на европски интитуции. Зар мислите дека некој во државата може да биде толку моќен за да влијае. Ова се европски пари и постои ризик да се изгуби грантот. Кон крајот на јуни добив допис од Град Скоје да се смени Комисијата која ја прави евалуацијата за изградба на пречистителната станица, Комисија за супервизијата и третото барање да ја сменам и Комисија за жалби. За сето ова да се направи ние имаме обврска да се обратиме до Европската инвестициона банка која е инвеститор на проектот. Од банката добив мислење дека не е добро во оваа фаза кога евалуацијата е во тек да се менуваат членови на комисиите затоа што тоа ќе значи одлагање на проектот и државата ќе плаќа камата за некористење на кредитот, изјави Перински додавајќи дека Арсовска била редовно поканувана на состаноците.
Наспроти ова, Арсовска рече дека ниту таа ниту Советот на Град Скопје не добиле информација за тоа во која насока се движат процесите врзани со избирање на најдобар понудувач за пречистителната станица. Таа додаде дека добиле индиции дека лицата внатре не работат транспарентно и дека побарале да се сменат членовите во комисијата, а што е можно според договорот.
– Ние како град Скопје нема да дозволиме со средства кои се обезбедени од Европските банки и се обезбедни од државата некој да си подигрува. Да, процесот може да почне од ново. Процесот ќе биде јасен, јавен и транспарентен, сите скопјани да знаат на кој начин ќе се одвива постапката и како во тој процес ќе се одвива се, рече градоначалничката.
Таа најави дека ќе биде поднесена кривична пријава до надлежните обвинителски органи, не кажувајќи за кое дело ќе поднесе кривична пријава туку тоа треба да го квалификува обвинителството по добиената документација.
Градоначалничката ги коментира и односите со ВМРО-ДПМНЕ од чии редови е сменетиот директор.
-Нашите односи со ВМРО-ДПМНЕ се одлични, нашите односи со поединци од партијата кои сакаат да тераат сопствени бизниси се можеби не така добри, истакна таа.
Арсовска посолчи дека високо ја ценела поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, дека има квалитетна соработка и дека таму има многу пријатели.
-Личните интереси се нешто што луѓето треба да ги надминуваат. Ние треба да работиме во интерес на граѓаните и да ги откриваме злоупотребите, потенцира Арсовска.





