Арсовска нема да дозволи да се изгради „бетонско чудовиште“ во Ќерамидница

Еден квадрат нема да дозволиме да се изгради од предвиденото бетонско чудовиште кое општина Гази Баба планира да се изгради во населбата Ќерамидница, соопшти денеска Градот Скопје. Во соопштението се наведува дека тоа е предвидено согласно деталниот урбанистички план на општина Гази Баба ЦС 10.03.

-Со планот кој шверцерски се обидува да се помине, се предвидува изградба на 16 згради со висина од 34 метри. Поточно, предвидена е изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт и ниту еден метар квадратен зеленило. Градот Скопје ќе постапи согласно поплаките на жителите на општина Гази Баба, но и во интерес на сите скопјани. Вакво бетонско чудовиште не смее и нема да биде дозволено да го наруши квалитетот на живот на граѓаните, се наведува во соопштението од службата којашто ги пренесува ставовите на градоначалничката Данела Арсовска.

Градот Скопје ќе изврши целосна ревизија на ДУП ЦС 10.03, и тој ќе се презентира пред  Советот на град Скопје.

-Го каниме и градоначалникот на општина Гази Баба да образложи што мислел кога го предложил овој монструозен ДУП со кој во целост се нарушува принципот на хумано живеење. Градот Скопје мора да биде модерен град, град во кој ќе ставиме крај на дивееењто на урбаната мафија, самоволието во урбанизмот и ставањето на профитот пред здравјето на граѓаните, потенцираат од Градот Скопје.

Проблемот се актуелизира откако партијата Левица соопшти дека „бетонско чудовиште во Гази Баба ќе градат компании блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и до СДСМ.

– Раководствата и функционерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле поблиски и не соработувале повеќе. Двете големи партии кохабитираат на власт. Во општина Гази Баба ќе се гради урбанистичко чудовиште од 50 илјади квадратни метри. Тоа се 16 згради со по над 10 ката на простор поголем од Ист Гејт Мол. Проект од кој ќе профитираат единствено фирми блиски до раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ќе биде на штета на жителите на Гази Баба и Скопје, рече на прес-конференцијата Амар Мециновиќ, партиски портпарол.

Но, вакво нешто демантира градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ја информирам јавноста дека ваквите тврдења се лажни и дека во рамки на општината не се води постапка за издавање на одобрение за градење на градба какво што се споменува во наведената прес конференција. Хуманата урбанизација, инфраструктурниот развој и напредокот на општина Гази Баба ќе продолжат и во иднина. Нема да дозволам ниту Левица, ниту било кој да го запре развојот на Гази Баба, изјави завчера градоначалникот Стефковски.

Левица, пак, денеска со партиското соопштение го повика Стефковски да ги обелодени фирмите со кои ќе го гради бетонското чудовиште.

-Го повикуваме градоначалникот да обзнани кои фирми ќе учестуваат во овој проект, пред ние да ја информираме јавноста за блиските врски помеѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и фирмите кои се предвидени да бидат дел од оваа лукративна зделка, се вели во соопштението од партијата.

Претходна вестСрпска полиција приведе македонски државјанин, патувал со 313 куршуми
Следна вестМалолетник приведен за кражби на паркинг во Автокоманда во мај годинава