Автобуските блокади не запираат, какви сценарија се прават за да се кренат?

Продолжување на вчера започнатите блокади и денеска најавија претставници на приватните автобуски превозници кои попречуваат сообраќај на повеќе крстосници во централното скопско подрачје. Ни денеска немаше најави за разговори со градските власти на Скопје околу решавањето на клучното барање на превозниците – исплата на повеќе од милион евра коишто ги побаруваат од ЈСП „Скопје“. Во меѓувреме, граѓаните имаат се повеќе проблеми за да со своите возила стасаат до центарот на градот.

Од друга страна, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов синоќа ја отвори можноста и за насилно тргнување на автобусите од улиците.

-Од кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозници штетата ја трпат граѓаните кои не можат да стасаат на работа, на лекар или во училиште. Преголема е штетата поради самоволието на улиците. Владата има инструмент да се реши проблемот и тоа е насилно да се тргнат автобусите од улиците. Но, се уште не се исрпени сите можности за решение. Се анализира состојбата. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот, рече синоќа Пенов.

На ваквата изјава од Пенов, денеска реплицираше лидерот на превозниците Ленин Јовановски. Тој на кој на министерот му порача дека протестот е законски.

-Доколку Ристо Пенов смета дека има нешто што е погрешно во целиот случај и дека може нешто да стори за да престане протестот, тогаш нека го направи тоа. Може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите. Ако мотивира насилство во Македонија како демократска држава каде што протестите се и уставно загарантирано право, тогаш од тоа треба да бидат загрижени многу фактори во и надвор државава, порача Јовановски.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, ни денеска не се појави во јавноста за да објасни на кој начин може да се реши проблемот. Таа минатата недела им рече на превозниците дека нема да им ги исплати долговите и ги повика да тужат доколку сметаат дека се оштетени.

Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека ги разгледуваат сите можни опции во консултации со Министерството за правда, но освен разговор со оние кои протестираат нема друга опција. Тој апелираше „да се седне и да се разговара“.

Претходна вестСреќа во несреќа, преживеал сообраќајка со „ферари“ при брзина од 300 км/ч
Следна вестНовинарката Авдиу го искритикувала Џака, сега и се закануваат дека ќе ја убијат