Бајден: Ако Русија победи во Украина, што мислите дека ќе се случи во балканските земји?

Американскиот претседател Џо Бајден при вчерашниот говор во Белата куќа предупреди дека откажувањето на финансиската помош за Украина може да доведе до криза во балканските земји. Ако ние заминеме, а Русија го издржи нападот и ја победи Украина, што мислите дека ќе се случи во балканските земји? Што мислите дека ќе се случи од Полска до Унгарија?, праша тој.

Соработниците на Бајден отворено им кажаа на членовите на Конгресот на приватна средба во средата дека ако Конгресот наскоро не одобри дополнителна воена помош за Украина, Русија би можела да ја добие војната за неколку недели, во најдобар случај за неколку месеци, пишува „Ен-би-си њуз“.

– Русија би можела да ја добие војната за неколку недели, додаде Бајден.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан и директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс тогаш изјавија дека не е случајно што Путин го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата на Украина токму откако Конгресот не одобри повеќе помош минатиот месец, пишува хрватски „Индекс“.

Белата куќа на 27 декември објави намалување на количината на оружје и воена опрема за Украина. Иако европските нации, вклучително и Обединетото Кралство и Германија, обезбедуваат одредена финансиска поддршка, САД се најголемиот снабдувач на Украина со воена помош. Но, републиканците во Конгресот го задржуваат пакетот вреден десетици милијарди долари за идно воено финансирање за Киев. Додека Конгресот не го одобри тоа, нема да има нова поддршка.

Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари помош за Киев од почетокот на руската инвазија, но не одобри никакви средства откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом во јануари 2023 година.

Претходна вестПочина еден од браќата ранети при пукањето во кругот на тетовската болница
Следна вестИнстаграм ги предупредува малолетниците да не ја користат таа платформа навечер