Барања на Сојузот на средношколците: Материјалите за интерните испити да се добијат четири недели пред денот на испитот, екстерните испити да носат 20 поени…

Четири барања по однос на државната матура упати денеска Сојузот на средношколци по одржаното Генерално собрание. Првото барање до надлежните органи се однесува на коефициенти за екстерните испити при упис. Моменталниот модел на упис на универзитетите во земјава предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, додека останатите 40 поени произлегуваат од оценките добиение на државната матура.

-Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени. Сојузот смета дека нашето барање ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити кои се креирани од самите предметни наставници ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии. Затоа бараме од надлежните да издаде препорака до универзитетите преку која ќе се издејствува оваа промена, соопштува Сојузот.

Второто барање се однесува на соодветни испити при упис и Сојузот бара Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура.

Барањето е и да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни имајќи го предвид православниот празник Духовден.

-Како четврто барање е наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот и бројот на прашања во банките да биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот, соопшти организација на средношколците.

Претходна вестПрегазил 80-годишна жена па избегал
Следна вестМНР и одговори на Софија: Одлуките за имињата на бугарските клубови не се против правата на етничките заедници