МНР и одговори на Софија: Одлуките за имињата на бугарските клубови не се против правата на етничките заедници

Одлуката на македонската Комисија за употреба на имиња не се против правата на етничките заедници туку против одлуките клубовите да носат имиња кои создаваат непријатност меѓу граѓаните. Вака денеска македонското МНР одговори на реакциите на бугарското МНР кое искажа незадоволство од одлуките според кои клубовите „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ не можат да ги користат тие имиња во Македонија.

-Законот за здруженија и фондации, односно одлуките на Комисијата за употреба на имиња, уште еднаш би сакале да нагласиме дека не се насочени против уставно загарантираното право на здружување, туку против одлуките здруженијата да носат имиња на контраверзни личности, кои создаваат непријатност меѓу сите граѓани на земјата, и во оваа смисла Комисијата за употреба на имиња  носи мериторни одлуки согласно законските прописи и интенцијата да се зачува суштината на мултиетничкото општество, порачува македонското МНР.

Во соопштението се наведува дека Министерството за надворешни работи активно соработува со здруженија и организации од невладиниот сектор и го поддржува нивниот ангажман, согласно постоечката законска рамка со која се уредува формирањето и делувањето на таквите здруженија.

-Уредувањето и општествените околности во Република Северна Македонија се меѓународно признаени како пример за тоа како треба да се заштитат малцинските права и да се негуваат различностите базирани на идентитетските колективни права, потенцира МНР.

Претходна вестБарања на Сојузот на средношколците: Материјалите за интерните испити да се добијат четири недели пред денот на испитот, екстерните испити да носат 20 поени…
Следна вестСе бара притвор за наставничката која дилала дрога, Обвинителството поведе истрага за пет дилери