Бектеши тврди дека од јануари струјата нема да поскапи, последниот збор за цената ќе го има РКЕ

Цената на електричната енергија нема да се зголеми ниту во блоковите ниту во целина, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој рече дека моментно се прават анализи од страна на Регулаторната комисија за енергетика и од надлежните институции во делот на блоковите за да се заштитат граѓаните.

Тој објасни дека најголемо влијание на цената на струјата е маржата, која ќе ја понуди универзалниот снабдувач на тендерска постапка. На следниот тендер министерот Бектеши очекува понуда со пониска маржа во последните пет години.

-Универзалниот снабдувач со тендерска постапка конкурира за профитна маржа, која ќе ја има за следните пет години. Моментно е 11 и нешто во согласност со тендерот што беше пред пет години. Наредната година ќе видиме каква цена ќе добиеме. Јас сум убеден дека ќе биде под 11 отсто. Имајќи ги предвид сите влезни параметри и, секако, снабдувањето што се прави кон МЕПСО во делот на загубите и системските услуги што тие ги даваат. Ние не можеме да влијаеме само во делот на маржата што се добива во тендерска постапка од универзалниот снабдувач. Дали тоа ќе биде 10, 11 , 12 или, пак, 9 или 8, тоа ќе зависи од понудите што ќе бидат добиени наредната година во делот на универзалниот снабдувач, рече Бектеши.

Од следната година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕСМ, последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.

Во однос на прашањето кој сепак ќе го има последниот збор, „ЕВН Хоум“ или РКЕ, тој рече дека тоа е предвидено со Законот за енергетика, според кој РКЕ има обврска да направи надзор и да утврди дали пресметките се направени како што треба.

-Со последните измени на Законот за енергетика граѓаните знаат дека имаме воведено универзален снабдувач на кој рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на универзален снабдувач веќе е започната и кон почетокот на наредната година ќе има нов. Се надеваме дека тој ќе понуди помали маржи согласно конкуренцијата која ја има, рече Бектеши.

Тој додаде дека и од 1 јануари ќе биде истиот тарифен систем според кој надзорот го има РКЕ согласно пресметките што ги прават енергетските компании.

На прашањето дали Регулаторната комисија ќе може да интервенира во цената, Бектеши одговори: „Согласно став 5 од членот 10, секако дека ќе има право, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба“.

Вчера, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски изјави дека надлежноста на регулаторот ќе биде да направи проверка, но остана да виси прашањето дали ќе може и да интервенира.

-Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи, рече Бислимоски.

На директното прашање, кој сепак ќе го има последниот збор, Бектеши рече дека законот за енергетика е во надлежност на Министерството за економија, и според толкувањето на Министерството крајниот збор го има РКЕ.

-Ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон РКЕ бидејќи надзор врз начинот како се реализира и како се применува Законот за енергетика го прави Министерството за економија, рече Бектеши.

Ингеренциите на ЕВН, според Бектеши се повеќе процедурални, технички, односно наместо РКЕ да направи пресметки, тоа ќе прави универзалниот снабдувач и ќе ги достави до Регулаторната комисија која треба да ги потврди или може да ги одбие.

Инаку, постапката за избор на нов универзален снабдувач е во тек.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ достави докази во Обвинителството за случајот „диво месо“ на Онкологија
Следна вестТалогот од кафе може да се користи во нов третман за Алцхајмеровa и Паркинсонова болест