Бесими не очекува значително зголемување на струјата – но колку ќе биде, не кажа

Понудата од ЕСМ до универзалниот снабдувач ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на електрична енергија, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во одговор на новинарско прашање, Бесими, не сакаше да калкулира со бројки, посочувајќи дека тоа ќе го каже Регулаторната комисија за енергетика.

– Во однос на цената на електричната енергија и имаме дадено на ЕСМ скоро пет милијарди за обезбедување на дополнителни ресурси за производство на електрична енергија или снабдување со електрична енергија за регулираниот пазар. Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие проценки, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на струјата, рече Бесими.

Владата вчера на затворена седница му даде зелено светло на ЕСМ да даде понуда за препорачана цена на струјата, но не се открива колку ќе биде таа. Некои медиуми вчера објавија дека тоа ќе биде околу 10 отсто, после Нова Година.

Ова денеска го потврди и министерот за економија Крешник Бектеши кој рече дека не очекува зголемувањето на цената на електричната енергија да надмине 10 проценти.

Согласно Законот за енергетика, цената на струјата од 1 јануари за првите шест месеци од 2022 година ја потврдува Регулаторната комисија за енергетика, но имајќи предвид дека цената што ќе ја понуди ЕСМ кон универзалниот снабдувач многу влијае врз финалната цена, согласно сите проекции, зголемување над 10 отсто нема да има. Со тоа се отфрлаат сите предвидувања од експерти во областа на енергетиката и од одредени политички партии дека зголемувањето ќе биде 30, 40 или 50 отсто, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на ски центарот Попова Шапка.

 

Претходна вестНухиу контра косовскиот колега: Посетата е на Идрзово, а не на затворениците од „Диво Насеље“
Следна вестКисела Вода почна кампања за откуп на земјиштето под домовите и дворните места за 1 евро квадрат