Универзитетскиот професор, Лазар Јовевски, во интервју за бесплатниот весник „Македонско Ехо“ вели дека пред се и над се, оние кои ја водат или ќе ја водат земјата, треба да имаат љубов кон својот народ…
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
– Одбрана земја и народ, а не свесни за улогата која ја имаме национално, регионално и глобално и благословот кој не го живееме! Како слика која ми доаѓа пред очи е прекрасна природа, планини и долини облеани со пладневно сонце кое го румени небото и по некој облак кој чиниш залутал на сводот небесен.
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
– Што не изградивме вистински лидери во сите општествени сектори (политика, култура, бизнис, спорт, образование, семејство, наука…) кои ќе знаат да ја водат земјата победнички! Тоа значи да се има победнички менталитет, на кој ќе се надодаде работа, ред и дисциплина. Ова треба да извира од љубовта кон својата земја и народ. Се друго што се јавува како грешка е последица на овој суштински пропуст.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?
– Властите по дефиниција постојат за да и даваат, но поточно би рекол да служат на својата земја, односно на луѓето во неа кои ги избрале. Кај нас луѓето кои практикуваат власт, односно одлучуваат немаат визија во кој правец треба да се движи земјата и кои цели треба да се остварат. Како последица на тоа најчесто не знаат што треба да направат, што да дадат на земјата и како да го сторат тоа. Затоа властодршците водејќи се од безсвесноста пливаат во површноста на задоволување на нивните лични желби и амбиции и даваат само на себе. Тоа е рецепт кој историски се потврдува секогаш кога власта не служи на земјата и народот, туку алтернативата е да служи на себе си (своите стомаци). Сепак, пред се и над се оние кои ја водат или ќе ја водат земјата, треба да имаат љубов кон својот народ. Без да ги сакаш луѓето не можеш да и даваш ниту на земјата, бидејќи земјата се луѓето кои живеат во неа!
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
– Животот е служење на своите ближни, на својата генерација, на човештвото, а со тоа и на својата земја. Процесот на давање завршува кога човек ќе ја напушти физички планетава. Соодветно, одговорот е не, на Македонија ќе и давам додека сум жив! Оти, поблагословено е да се дава и служи отколку да се бара и да се добива.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
– Многу пати ме изненадуваат луѓето, нивната добрина, емоција, благодарност. „Обичниот човек“ на Македонија, оној кој и покрај сите трагедии кои лично и колективно ги поминува, сепак не заборава дека во него има семе на судбинската предопределеност – да бидеме големи во љубовта и да даваме на човештво и покрај сите негации! Ова длабоко лежи во есхатолошката вистина дека македонскиот народ и земја постојат со причина. Ако гледаме низ историјата наназад, особено по Христа, тогаш недвосмислен е историскиот заклучок дека овој простор наречен Македонија со луѓето кои живеат на него дава посебна вредност и би декол „вкус“ на светот и човештвото. Тоа се гледа во однос на ширењето на Христијанството како вистина за смислата на човековото постоење, описменувањето на голем дел од европските народи, ширење на културата, на вистинските вредности. Ние всушност даваме квалитет на светот, а со тоа се потврдува парадигмата дека за да правиш големи работи не мора да си голем или силен, туку да го правиш тоа од срце и со љубов!
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
– Ми недостасува да видам повеќе луѓе кои се радуваат на животот и кои веруваат дека ќе не биде и дека можеме. Би ги одзел ропскиот менталитет кој е во умот и духот на луѓето преку полтронството, малодушноста, улогата на жртва и безперспективноста! Исто така ми недостасуваат вистински професионалци, да среќавам почесто луѓе со карактер кои знаат која е причината за нивното постоење и соодветно на тоа да делуваат низ животот и се инспирација за другите. Секако, ако зборуваме за објективни општествени проблеми, овде се корупцијата (рушвет системот), непотизмот и непрофесионалноста, кои се голем проблем во македонското општество!
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Во духовно, економски, политички и културно трансформирана Македонија. Во Македонија каде секој искрено ќе ја сака својата земја, нема да збори против својот народ и да озборува за својот ближен, каде секој ќе помага на соседот и ќе разбира дека во животот треба да се служи на својот народ преку талентот кој што секој индивидулано го има. Имам силна желба да го видам народот обидинет во духот и во делата, каде зеднички се работи на визијата за успешна Македонија. Сето ова може да се постигне со вера во Бога и со закони кои ќе бидат по македонска мера, мера на правдољубивоста и вистината!