Преземање на санкции против компанијата ЕВН доколку во наредниот период не ги коригира преголемите сметки за електрична енергија на граѓаните, најави денеска Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика. Најавата на Бислимовски доаѓа по бројните поплаки од страна на граѓаните дека добиле нереално високи сметки за април и за мај.
-Ако ЕВН не ги коригира сметките за електрична енергија на граѓаните со отчитани повеќе киловат-часови од реалната потрошувачка, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе преземе санкции кон оваа компанија. Против ЕВН може да се покрене прекршочна постапка, но и да почне постапка за одземање на лиценцата поради непочитување на Законот за енергетика и на правата на потрошувачите, најави Бислимовски.
Тој обајсни дека РКЕ до сега посредувала во 150 случаи.
–Секој потрошувач ќе плаќа онолку колку што потрошил. Ние ја разбравме ситуацијата со кризата. Имаше период кога ЕВН не ги отчитуваше броилата, кога правеше проценка, но како што ги повикавме потрошувачите да ги плаќаат своите сметки за електрична енергија, така сега, не го повикувам ЕВН, туку му наредувам, да ги прифаќа отчитаните податоци од страна на потрошувачите. Веднаш да пристапат кон корекција на сметките за електрична енергија, рече Бислимовски.
Тој ги повика граѓаните да бараат од ЕВН да им ги коригира фактурите, а ако ЕВН не го направи тоа, да се обратат во Регулаторната комисија.
Од друга страна, ЕВН соопшти дека до сега ги следеле препораките на РКЕ и на здравствените власти по што во периодот од 15 март до 15 април отчитувањата на броилата не се реализираа. Тие наведуваат дека околу 200.000 броила се наоѓаат во домовите на корисниците и во време на пандемија отчитувањето не беше препорачливо. Затоа за сите корисници беа изготвени проценети фактури. Од 15 април веќе почнаа да се отчитуваат броилата и во месец мај корисниците добија порамнети сметки.
-Оние кои претходно имале помала претпоставена потрошувачка добија повисоки сметки, а оние кои имаа поголема претпоставена потрошувачка помали сметки. Сите корисници кои доставија состојби за корекција добија корегирани сметки. Ова значи дека на корисниците во сметките им е регистрирана реалната потрошувачка. Се разбира секој кој ќе забележи разлика во состојбите на броилото и на сметките во секој момент може да побара корекција на сметка, соопшти ЕВН.