Бобан Петровски на чело на телото за давање мислење за употреба на име на историска личност, ќе се изјаснат ли за „Цар Борис Трети“ и за „Иван Михајлов“?

Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет денеска е избран за претседавач на советодавното тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице. За заменик-претседавач е избрана Билјана Мицковска од Министерството за економија. Ова тело денеска одржа прва конститутивна седница во просториите на Владата.

Советодавното тело има 7 постојани членови кои се номинирани од самите институции, а 2 дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции зависно од личноста за која ќе се дискутира. Постојани членови за телото се: Билјана Ристовска-Јосифовска, редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот,,Св. Кирил и Методиј”-Скопје, Бобан Петровски, редовен професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје-за прашања од антички период и среден век/д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје-за прашања од нов и најнов век, академик Драги Ѓоргиев, редовен член на МАНУ, Антонио Павлоски, посебен советник во Министерство за култура, Билјана Мицковска, раководител на Сектор за правни работи при Министерството за економија, Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и Ана Трајчева-регистратор во Централниот регистар на Република Македонија.

Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање.

Одржувањето на конститутивната седница на телото е на два дена пред официјалното отворање на вториот бугарски клуб во земјава „Цар Борис Трети“ кој треба да биде отворен на 7 октомври во Охрид. Во макеоднската јавност имаше бројни реакции за регистрирањето на оваа здружение, извршено во ноември 2021 година како и за регистрацијата на здружението „Иван Михајлов“ од Битола, каде е отворен и клуб со истото име. Еврејската заедница неодамна најави дека ќе поднесе ќе поднесе кривична пријава за името „Цар Борис Трети“ на бугарскиот културен центар кој е најавено дека ќе се отвори на 7 октомври.

– По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво. Ние ќе поднесеме и кривична пријава до Обвинителството“, изјави претседателот Пипо Леви.

Партијата Левица, пак, поднесе иницијатива за забрана на центарот „Иван Ванчо Михајлов“ повикувајќи се на член 65 од Законот за здруженија и фондации.

– Со своите програмски цели и теренски активности за промоција на идеологијата и рехабилитирање на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на Здружението е насочено токму кон разгорување на национална омраза и нетрпеливост, преземајќи активности кои се спротивни на Уставот и закон и се повредуваат слободите и правата на други лица, наведе Левица.

Дали новоформираното тело ќе се изјаснува и за овие случаи останува да се види?

 

Претходна вестПрегазил пешак па избегал
Следна вестСловенија ги дозволи браковите на истополовите двојки и можност да посвојуваат деца