Браво: Учам и додека патувам со кола на тренинг во Скопје, ми оди тенисот и математиката

Ученик е во петто оделение, а освојува меѓународни медали и во тенисот и во математиката. Веќе е повикан во репрезентативниот состав за играчи до 12 години…

 Тенис, математика, музика, медали, награди, признанија… Но и голем труд, напорно вежбање, секојдневни патувања, откажувања… Сето ова стои зад успесите коишто ги постигнува десетгодишниот Василиј Закоски, ученик во петто одделение на тетовското ОУ „Братство – Миѓени“. Неодамнешното признание кое му беше доделено по повод Денот на Општина Тетово беше само последно во низа коишто ги добива насекаде каде што ги покажува своите таленти. А тие не се мали.

Во моментот Василиј иако има 10 години (роден е во 2012 г.) е прворангиран тенисер во категорија на играчи до 12 години на државно ниво. Прв пат е повикан во репрезентативниот состав, со цел да учествува на двонеделен камп и турнир во Анталија, Турција. Но во исто време тој го освои и првото место на општинскиот натпревар по математика, како и златен медал на Меѓународниот натпревар по математика „Математика без граници“ – единствен акредитиран интернационален натпревар во нашата држава, во кое учество имаат повеќе од 27 држави. Успеси постигнувал и претходно: Во 2022 година има освоено први места на Македонската математичка олимпијада, натпреварот „Кенгур“… 

Во тенисот лани бележи едно прво место на турнирите кои во рамки на Отворено првенство на Македонија, како и прво место на меѓународен тениски турнир Чери купДве први места бележи во 2021 година кога на 8 годишна возраст победил на турнирите каде се натпреваруваат деца до 11 години или Зелен тенис, како и прво место во двојки на интернационален тениски куп во Дубровник, Хрватска за деца под 11 години.

А приказната со тенисот започнала сосема случајно, додека уште како мало дете го чувал дедо му по мајка. Тогаш и се родила идејата Василиј да почне да тренира во тетовскиот клуб Љуботен. Почнал да тренира на четири години во група, а бидејќи во Тетово има можност за вежбање само преку лето, тренерите им препорачале на родителите да продолжи со тренинзи во Скопје каде сега е  член на тенискиот клуб МТП.

-Сакав да продолжам оти многу го сакам тенисот. Родителите почнаа да ме носат во Скопје на тренинзи каде имам тренинзи сам на сам со тренер. Тој почна да ме носи на турнири и така започнаа и натпреварите и победите. Не ми е тешко што морам да патувам од Тетово до Скопје. Ќе дадам се од себе за да успеам во овој спорт, ни вели Василиј.

 Сега поради тенисот и жртвувањето за тренинзите донекаде е во сенка вежбање математика, но и тоа ќе се надомести. Василиј вели дека не сака многу да зборува, туку сака повеќе да прави, да работи, да постигнува.

-Во тенисот идол ми е Циципас. Кога ќе пораснам сакам да бидам тенисер, ни вели тој.

Инаку, целиот ден му е исполнет со обврски. Наутро има фитнес тренинг, а после тоа до времето додека треба да оди на часови, ги извршува обврските поврзани со предметите од училиште. Кога така се прави, сигурно, ќе се стаса и далеку.

Знам дека секој успех има цена

По завршување на училишните часови заминува на тренинг во Скопје при што често се случува училишните обврски да ги завршува во автомобилот. Односно, да прочита и ги повтори лекциите коишто ги слушал на часовите.

-Во автомобилот најчесто и јадам и се пресоблекувам. Но, не ми е тешко оти знам дека секој успех има цена. Но, од дружбите со другарите и врсниците и од редовно одење на школо не се откажувам, ни вели Василиј.

 

Претходна вестВо Илиноис свештеници сексуално злоставувале 2.000 деца за 70 години
Следна вестЛевица:  Зад неискосената трева во Аеродром стои договор од 350.000 евра со приватна фирма