Чекавме да зборуваат за економија, здравство, правда…, а тие пак за Уставот се фатија

Партиите предвреме почнаа со кампањата. Почнаа ветувањата, а ретко ги има отчетите за сработеното.

Почнаа и барањата на албанските партии. Пак е на мета Уставот на Македонија. Едноставно, албанскиот политички блок како по некоја изборна шема повторно пред јавноста изнесува барања за нови и нови промени на уставноправниот и политички систем на државата.

Па така градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој сега сака, и ќе се кандидира за претседател на Македонија истакна дека има три главни заложби: Внесување на Бугарите во Устав, да ја снема во Уставот дефиницијата „20 отсто“ за албанскиот јазик и изборот на претседател на државата да се прави во парламентот.

Од ДУИ „запеаја“ слична песна.

-Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собрание со двотретиско мнозинство и со Бадентерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консензуален претседател, рече Али Ахмети.

Ахмети истакна и дека ДУИ нема да биде дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот за да се бира претседател во Уставот и да се внесат Бугарите во Уставот.

А, лидерот на ДУИ пред неколку недели истакна:

-Не се двоумев да кажам дека повеќе не сум потстанар, во мојата земја. Затоа, охридскиот договор ме прави господар во сопствената куќа, рече тој.

Сега веќе му фали уште нешто за да се чуствува господар? И зошто сега на Ахмети и Таравари не им се приоритети подобрувањето на урнисаните економија, здравство, образование, правда… кои се важни за сите граѓани на Македонија, а и така сите ние вистински ќе сме господари на сопствената земја?

На овие избори не ли е подобро да се зборува за градење на систем базиран на квалитет? Па потоа нека биде претседател или премиер оној што навистина заслужува, а не тоа да биде според етнички принцип.

Зарем системот на државата веќе не е доволно менуван и подобруван, зарем сега не е време политичарите вистински да засукаат ракави и да работат повеќе околу конкретни проекти за да се подобри животот на населението?

 

 

Претходна вестСДС и ДУИ пред заминување ги покачија цените на катастарските услуги за 300%, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестВо Велика Британија запленети рекордни 5,7 тони кокаин