Чествување на ликот и делото на Григор Прличев во Охрид

Со низа настани во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“, Општина Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев и одбележува 130 години од неговата смрт.

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на панихидата која се одржа на вечното почивалиште на Григор Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ и имаше свое обраќање на настанот „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во спомен куќата на ловороносецот.

-Иако се навршуваат 130 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев останува нераскинлива врска помеѓу сегашноста и минатото и претставува светол пример, кој ни дава сила во нашите напори да обезбедиме подобро утре и поубава иднина за новите генерации. Преку поемата „Сердарот“, Прличев го покажа патот на херојската борба што треба да ја води малиот и поробен народ за својата слобода против далеку побројниот и посилен тиранин. Во оваа творба тој успева да го внесе целиот свој емотивен восклик и закитен со ловоровиот венец да се искачи на врвот на поетската слава.. потенцира Пецаков.

Во рамки на манифестацијата, вчеравечер во Центарот за култура беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Наградата беше доделена на поетот Зоран Анчески за неговата поема „Коњски житија“. Како дел од чествувањата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“ на која беше прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“, а се одржа и промоција на аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва со Свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ која ќе се одржи во спортската сала на училиштето.

Претходна вестКалин Ивановски скокна за 30 места на АТП листата и сега е на 504. место во светот
Следна вестДо каде ќе оди експериментирањето: Научници пресадиле дел од човечки мозок во стаорци?