Чудото на источна Македонија: Автопат завршува во „уличка“ полна дупки, преправки-поправки…

Кога ќе се доизгради автопатот Скопје – Штип?

 Како би требало да заврши еден сосема нов авто-пат? Нормално е тоа да биде со широк влез во некој град, нели? Ама во Македонија има и автопат кој завршува со дупки на секои десетина метри, со изронет асфалт, со градено – недоградено, со… Таква е состојбата ако тргнете да се возите по новиот автопат од Миладиновци до Штип. Звучи неверојатно, но новиот автопат наеднаш завршува во двонасочна улица кај населбата Три чешми и почнува одисејата долга околу 3-4 километри по која не се знае во каква состојба ќе излезе возилото, но и патниците. Практично, делницата од крајот на автопатот кај клучката Три чешми па натаму кон Штип е хаос кој трае со години.

-Патот е во катастрофална состојба, а се нешто се најавува и почнува да се прави, а години пројдоа. Кршиме коли тука. Среќа често поминувам тука и научив да ги избегнувам дупките. Но, ако доаѓаш залетан од автопатот и ако не го знаеш патот лесно може да ти се случи да останеш без некој дел од колата, ни вели возач од Св. Николе кого го сретнавме додека ги фотографиравме дупките.

 Тој е само еден од бројните возачи кои често прават „слалом“ по овој пат. Сообраќајницата е оптоварена многу бидејќи ја користат возачите кои се упатуваат кон Скопје, Велес, Свети Николе… Исто како и оние кои пристигнуваат во Штип, кон Кочани, Радовиш, Струмица…

Така остана откако лани во јуни за сообраќај се отвори 47 километри долгиот автопат од Миладиновци до Штип. Всушност, прашањето е дали автопатот треба токму така да се нарекува бидејќи стасува само до пред населбата Три чешми!? Но, веројатно поради тоа што се работи за периферна градска населба името си е Миладиновци – Штип иако до градот под Исарот има уште километри кои се опасни за возилата и возачите. Клучката Три чешми е значајна бидејќи тука се прави спојување со новиот експресен пат во изградба Штип – Кочани. Но, проблемот е кога се продолжува кон Штип, кон старата клучка пред самиот град каде се влегува во Штип или се продолжува кон Струмица и Кочани… Ова го повлекува прашањето зошто ова мала делница не се барем одржува како што треба?

-За жал, се предизвикуваат и несреќи со трагични последици и не треба посебно да се зборува за опасностите. Не смеат да се оставаат недовршени делници кои се најопасни по учесниците во сообраќајот. Оштетувањата на коловозот мора редовно да се санираат, да се „крпат“ за да се обезбедат нормални услови за одвивање на сообраќајот, ни вели штипјанецот Никола Кангалов.

Кога сето ова ќе биде поправено останува неизвесно иако се гледа дека нешто се работи. Спороста во планирањето и градењето во Македонија е голем проблем. Владата често тој проблем го покрива со нови најави и уверувања дека се гради.

Се радувавме ама…

Освен овој, постои и проблем со поврзаноста на населбата Три чешми чии што жители немаат соодветен излез и влез од населбата иако се до автопатот.

-Му се радувавме на автопатот кога го започнаа претходните власти, ама ниту тие и особено сегашните не го решија нашиот проблем со лоша патна инфраструктура. Чекаме со години и ние да сме автопатски приклучени, за сега само прашина се наголтавме и толку, ни вели локален жител.

Претходна вестПочнува тримесечниот мултимедијален фестивал PRESPALAND 2021
Следна вестДелови од Автокоманда, Железара и Качански пат денеска без вода