Да не има магнет за камиони под фонтаната во центарот на Скопје?

Гранитните плочки на плоштадот „Македонија“ и на површинската фонтана среде Скопје денеска одново се искршени откако во нив пропадна товарен камион. Да, бе, овој е трет камион по ред што пропаѓа на истото место.

Да не има магнет за камиони под фонтаната?

Плочките не можеа да ја издржат тежината на натоварен камион кој ја носеше опремата за фестивалот „Пиволенд“ кој наскоро треба да започне во градот. Според првичните сознанија, возачот на камионот самоволно влегол со возилото на плоштадот. Градот Скопје денеска соопшти дека го санкционира оваа самоволие.

Приватен субјект со возило камион без дозвола неовластено влегол на плоштадот Македонија, по што е причинета штета на плочникот. Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции, соопшти Градот Скопје.

Инаку, пропаднатиот камион не успеа да го крене ни пајакот кој дојде да го извлече.

За потсетување: Во 2017 година пропадна камион додека се подготвуваше пречек на ракометарите на Вардар по освоената шампионска титула. Лани во март пропадна камион за чистење на плочникот на Комунална хигиена. После тоа, плочникот на фонтаната со месеци стоеше отворен и заграден со лента за да не минуваат пешаци.

Се чини треба стражар да стават до фонтаната…

Претходна вестКовачевски и Османи ќе ги посетат ли Македонците во Бугарија и Грција?  
Следна вестУчебната година ќе започна на време, ќе доцнат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение