Учебната година ќе започна на време, ќе доцнат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение

Новата учебна 2022/2023 година за 255 илјади основци и средношколци во земјава ќе започне задутре без какви е да е антиковид-протоколи но со доцнење на учебниците за неколку одделенија.

За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно.

За овие ученици, како и за тие од прво и четврто, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување. Министерството за образование наука соопшти дека за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои ќе учат на почетокот на учебната година.

– За сите предмети за прво, второ, четврто и петто одделение се изготвени соодветни материјали испечатени во една книга, поединечно за секое одделение, со цел децата да можат да учат првите два месеци од новата учебна година. Тие ќе бидат доставени во училиштата од 1 до 5 септември, изјавија од БРО.

За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.

Наставата ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.

-Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема, изјави за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Претходна вестДа не има магнет за камиони под фонтаната во центарот на Скопје?
Следна вестКој и зошто го претепа капетанот на пристаништа на Македонија, Устијаноски?