Дали грижата за градот се вбројува меѓу важните идентитетски прашања?

Kолумна на Владимир Величковски:

 Спласна и четвртиот ковид бран иако не може да се пофалиме со посебна дисциплинираност. Ова страшна пандемија ја потисна уште пострашна вест: изби војна меѓу две соседни братски земји со отворена закана за можна нуклеарна војна. Сведоци сме, за жал, на рушење на големи украински градови и традиција, со секојдневно зголемување на бројот на загинати од двете страни. Потресени ги следиме сцените од големиот бегалски бран меѓу кои сликата на мајка и дете кои со плач бараат излез од воениот пекол. Тука престануваат сите разговори за политиката и нечии интереси. Во постхумано време ќе опстојат бубашваби и киборзи: човек ќе посака да се разбуди, не како човек туку како некоја бубачка како што раскажува Кафка. Едно суштествено прашање: Што ќе се случи со нашите деца и внуци во една идна претпоставена постнуклеарна стварност во опустошена земја? Не сакаме ниту можеме да си ги претставиме ужасите опишани во книгата „Чернобилската молитва“ на украинската нобеловка Светлана Алексиевич. И во Скопје, таа 1986 година допловија радиоактивните облаци од Чернобил.

Младите образовни кадри се иселуваат, а прочитав дека се поголем број Македонци бараат азил во некоја европска земја. Поразителен факт кој ја отсликува лошата состојба во сопствената земја. Зарем е потребно да речеме дека младите треба да работат и да се усовршуваат, да се формираат во самостојни личности кои размислуваат слободно и критички ја оценуваат состојбата во земјата. Партиите наместо заеднички да се борат против сите зла и проблеми, против сите предизвици што ги носи времето се занимаваат единствено со навреди и закани, грчевито и беспоштедно борејќи се да се доберат до власта која носи пари, но не и углед во целосно партизирана и несигурна држава. Луѓето веќе немаат доверба во никого, најмалку во корумпираните институции, вклучително и во полицијата со службеници кои гледаат, мислат и казнуваат само според налог, но и по сопствена селективна желба. Да се остане толку сиромашен и понижен, значи да си немоќен, без можност нешто да се промени. Која власт на партииtе го земала предвид мислењето на стручњаците кои можат да придонесат за развојот на општеството?

Урбаната мафија (која и да е) упорно и неказнето гази по Скопје доуништувајќи го. Се копаат темели за првата дваесеткатница кај „Холидеј ин“, никнуваат неколку нови згради околу спортските терени на кејот кај Карпош, а беше усвоен, непосакуваниот ДУП за просторот кај салата „Борис Трајковски“. Меѓутоа, конечно почна да се реновира спортската сала „Партизан“ во Карпош. Новите градоначалници на општини се фалат со ново-стари проекти кои не ги претставија убедливо со конкретни податоци. Откако Руската федерација не прогласи за непријателска земја може да се запрашаме: дали во Скопје има добро сочувани скривници во кои може да се дише? Уште погласно ќе се запрашаме: дали грижата за градот и неговиот развој се вбројува меѓу важните идентитетски прашања во земјата? Нешто може да се претпостави, но никој со сигурност не може да каже колку силен ќе биде ударот од актуелната економска криза која ќе следи.

Претходна вестСмртноста двојно намалена, минимален пораст на новозаразени од Ковид-19
Следна вестЗа десетина дена ќе може да се увезува пченка, пченица, брашно, масло од Србија