Што значат пораките што вчера ги испрати шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев на прес-конференција во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ? Стоев, меѓу другото, нагласи дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови.
Она што конкретно збунува е тоа што шефот на бугарската дипломатија, посебно потенцираше, дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.
Што е тоа што Македонија добила, каков документ? Зошто премиерот Зоран Заев упорно негира целовреме дека било што се преговара со Бугарија? Истото го негираше и професорот и претставник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски? Дали ова значи дека македонската влада тајно договара нешто со Бугарија, наспроти договорената резолуција за црвените линии во Собрание? Што е тоа што треба да потпише Македонија?
На самитот ЕУ-Западен Балкан минатата недела, бугарскиот претседател Румен Радев му порача на официјално Скопје дека без потпишувањето на протоколот односно анексот на добрососедскиот договор – во кој има еден дополнителен услов а тоа е вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, нема одблокиране на евроинтегративниот пат. Владата не до крај ја објасни и оваа изјава. Но, по вчерашната на Стоев денеска Владата ќе треба да каже се.