Дали осамостојувањето на пратениците на ЛДП од СДСМ е „заразно“?

Се дистанцира ли Либерал-демократската партија од својот коалициски партнер во власта СДСМ? Ова праашње се наметнува откако Централниот одбор на Либерално-демократската партија донесе одлука, во Собранието, самостојно да продолжат да дејствуваат, пратениците, Моника Зајкова и Боби Мојсоски.

Од партијата, меѓутоа, тврдат дека се работи за стара одлука која сега само е активирана.

-Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно делување во македонскиот Парламент заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор на делување од страна на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневно политички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, а тоа ќе се потврди и со гласањето на доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, стои во соопштението од Либерално-демократската партија.

Од партијата додаваат дека во следниот период одлуката ќе се реализира и ќе делуваат како и останатите либерали во парламентите низ Европа.

Дали се ова и единствените причини останува да се види. Инаку, изминатиов период имаше реакции и на други помали партии кои се дел од владеачката коалиција. Партијата за движење на Турците ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш, а пратеник на оваа партија Енес Ибрахим не ја исклучи можноста „за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор“. Оваа партија на конгрес ќе одлучува дали ќе остане во коалиција со СДСМ.

Напоредно со ова, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов веќе неколку пати во последнен период има различни ставови од владината коалиција. Тој јавно кажа дека му е неприфатливо внесувањето на етничкиот идентитет на граѓаните во личните карти, а е незадоволен и од справувањето со корупцијата.

-Македонија е високо криминилазирано општество, рече тој деновиве по поразителниот извештај на „Транспаренси Интернешенл“.

И поранешната лидерка на коалицискиот ДОМ Лиле Поповска, која има силно влијание во оваа партија, во последен период е критички настроена. Таа жестоко реагира на етнички лични карти, на проекти за мали хидроцентрали, на тоа како се решава проблемот со Бугарија… поради што е прашање како оваа партија на чие чело сега е Маја Морачанин ќе се постави во следниот период.

Времето всушност ќе покаже дали осамостојувањето на пратениците од ЛДП е „заразно“ и може да се префрли на другите мали партии во владеачката коалиција.

Од СДСМ пак, веднаш по објавата на ЛДП истакнаа дека мнозинството во Собранието и владината коалиција функционираат стабилно посветени на реализација на утврдените цели програмата што е во интерес на сите граѓани.

Претходна вестПретежно сончево, температура до 12 степени
Следна вестПотрага по Сашо Мијалков: Судот му изрече куќен притвор, полицијата го бара насекаде