Се сомнева ли Заев дека „ќе падне“ во четврток па ја одложи оставката?

По 10 дена целосна изолација од појавување во јавноста, синоќа на состанокот на Централниот одбор на СДСМ дојде и премиерот, и се уште претседател на партијата Зоран Заев. Оставката од двете овие функции ја најави во неделата по изборите, но никогаш не ја оствари. Вчера, дури насмеан и сигурен во тоа што го зборува, на крајот од состанокот на новинарите им изјави дека нема ни да ја поднесе оставката – сега за сега- оти ЦО побарал да одложи на неодредено време.

-Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по моите оставки. Дефинитивно се работи за времено одложување заради обид да се сочува парламентарното мнозинство на страната на СДСМ. Искрено очекувам дека демократското парламентарно мнозинство ќе се стабилизира, пред се тоа што е ориентирано за евроатлантскиот пат, за мултиетничкото наше општество, за држење на меѓусоседските односи и тоа што е ориентирано кон позитивните реформи во државата. Затоа се овие напори, уште еднаш напоменувам, вечерта на 31-ви кога ги објавив оставките од двете функции реков останувам периодот за да се посветам да помогнам во одржувањето на парламентарното мнозинство, порача синоќа Заев.

Јавноста коментира дека ваков епилог по ветената оставка и се очекувал, со оглед на фактот што не е ова прво ветување на Заев што не го исполнил. Но, се отвора и нова дилема: Дали Заев останува на функциите оти можеби е сигурен дека нема да може да му се изгласа недоверба на седницата закажана за утре? Дали денешната посета на холандскиот премиер Марк Руте има некакво влијание на целиот процес?

Останува сепак да се чека до утре. Работите се менуваат од час во час. Завчера коалициониот партнер на Заев, Али Ахмети се сретна и со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првичниот цврст став на Скендер Реџепи, пратеникот од Алтернатива, преку ноќ омекна па сега е дециден дека ќе ја поддржи опозицијата во уривањето на владата на Заев. Очигледно е дека сите опции се во игра, но и дека до крај ќе остане неизвесно кој ќе успее во своите намери.

Претходна вестАлтеративецот Реџепи си игра топло-ладно со потписот на иницијативата, ќе се потпишел на нова
Следна вестПочнува недела на шпански филм во Кинотека