Ден на Светите Кирил и Методиј: Од старите јужномакедонски говори го направија првиот книжевен јазик на сите Словени

Македонија денеска празнува. Празнуваат и други држави во Европа. Се поклонуваме на големото дело на мисионерите на христијанството меѓу Словените, на сесловенските апостоли – светите браќа Кирил и Методиј. Тие се и автори на првата словенска азбука – глаголицата и биле првите непоколебливи борци Библијата да се проповеда на мајчин јазик. На 24-ти мај Светите Кирил и Методиј во далечната 863 година ја започнале познатата Моравска мисија.

Солунските браќа се особено важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата и како учители и просветители. Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун (селата Сухо, Високо и Зарово). Исто така, во неа било вградено и стекнатото искуството на Методиј, а потоа и на Константин (Кирил), при управувањето на Стримонската склавинија – „словенско кнежевство“.

Св. Кирил и Св. Методиј потекнуваат од угледно семејство, со татко Лав и мајка Марија. Родителите ги упатуваат во христијанството. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени, по што станал монах. Константин образованието го усовршил во Цариград во императорското училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, а научил и латински, еврејски и сириски јазик.

Браќата почнале да добиваат тешки и одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат другите народи на исток и север.

Секако, клучна за нивната дејност била Моравската мисија. Тогашниот кнез на Велика Моравија, Ростислав, испратил молба до византискиот цар Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивниот јазик за вистинската христијанска вера. Биле испратени светите браќа.

За таа, но и за други потреби, по неколкугодишна дејност на браќата, а пред сè на Константин била создадена првата словенска азбука (855 г.), позната како глаголица. Во нејзината основа се поставени јужномакедонските говори од околината на градот Солун. Со ова, глаголското писмо или глаголица е најстарата позната словенска азбука чие име доаѓа од старословенскиот збор глаголъ, што значи збор и која тогаш има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии.

Прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието, односно, го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. Истовремено, тие избрале и достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија каде биле пречекани со голема радост и почести. Набргу отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи.

Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани се за ерес. Ги обвинувале затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, а не еврејски, грчки или латински. Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. Во Венеција каде што поминале попатно Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, така и на Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па, тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“, рекол Кирил на оние кои се труделе да се сопре неговото дело.

Во Рим биле примени со големи почасти од папата кој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжува сам со помош на своите ученици. Но, германските свештеници продолжиле да ги „гонат“. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј починал во Нитра, 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони, но мисијата продолжувала.

-Мисија е важна за сите словенски народи и е опишана во познатата папска енциклика „Гранде Мунус“. На 30 септември 1880 г. папата Леон XIII го објавил споменатото писмо  со кое го вовел чествувањето на светите Кирил и Методиј во целата Католичка црква, заради нивното ширење на христијанското учење среде словенските народи и нивното описменување. Во ова папско писмо, од повеќето податоци за мисионерската работа на браќата, впечаток прави досегот на нивната дејност – „Моравија, Бохемија, Панонија, Босна, Галиција сè до Киев и Московското кнежевство опфаќајќи ги Либурните и Србите… Панонците… Бугарите … Далматинците… Карантанците“, накратко од Словачка до Украина и Русија, како и целиот словенски Балкан, напиша пред извесно време во своја колумна познатата историчарка Наташа Котлар.

Котлар ја објасни и нивната Брегалничка мисија:

-Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун (селата Сухо, Високо и Зарово). Исто така, во неа било вградено и стекнатото искуството на Методиј, а потоа и на Константин (Кирил), при управувањето на Стримонската склавинија – „словенско кнежевство“. Биле составени и повеќе „книги на словенски јазик“, а во христијанска вера воведени ок. 54.000 луѓе од кнежевството. Оваа мисија на браќата, позната како Брегалничка, сепак, не била доволна за да го спречи завладувачкиот пробив на Бугарите во македонските источни делови. Иако дејноста им била прекината кон крајот 855 г., сепак нивното наследство ќе оживее во текот на последните децении од IX и во почетокот на X век, благодарение на работата на нивните ученици Климент и Наум. Тие од градот Охрид и неговата околина, создале средиште на словенското просветителство и христијанство – познатата Охридска книжевна школа, во која се образовале околу 3500 ученици. Оваа високообразовна школа, прва во словенскиот свет, доследно се придржувала до изворната кирилометодиевска традиција, употребувајќи ја глаголската азбука во писменото општење, нагласи Котлар.

 

Претходна вестПретпладне сонце, попладне локални дождови и грмежи
Следна вестБитиќи: Нема да има промена на терминот „20 проценти“ со „албански јазик“ во Уставот