Десет вработени во МВР штанцале наши пасоши со украден идентитет за меѓународното подземје

Десет вработени во управните служби на МВР биле дел од мрежа за издавање македонски патни исправи и други лични документи главно на странски државјани, со украден идентитет.

Истрагата која почнала во февруари 2019 година, открила дека овие лица издале 215 пасоши, од кои 214 на странски државјани и еден македонски државјанин, со идентитет на лица кои до тогаш немале извадено биометриски лични документи.

Во денешната акција се уапсени девет лица.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вечерашната прес-конференција рече дека денешната акција е меѓународна во соработка со регионалната канцеларија за истраги на Амбасадата на САД во земјава и Интерпол.

Тој обвини дека вчера и денеска, преку брифинг и прес – конференција на опозициската партија имало обид да се саботира оваа акција, со објавување детали. Но, Спасовски не потврди дека лицата Јован Вукотиќ и Седат Пекер кои имале македонски документи на име Ѓорѓи Андонов и Џадин Адемовски се меѓу оние кои биле „клиенти“ на оваа мрежа, туку рече дека вакви документи добивале лица кои се од меѓународни криминални групи, нарко – картели, односно лица со висок ризик и лица со потерница под туѓ идентитет.

Побара обвинителството да преземе мерки за обидот за саботажа.

ВМРО-ДПМНЕ вчера објави соопштение од брифинг, а денеска на прес – конференција, лидерот на партијата Христијан Мицкоски обвини дека зад аферата „Мафија“ стои власта, а за документите кои ги објавија рече дека ги добиле преку „свиркач“.

За Мицкоски пак, токму вчерашниот брифинг ја поттикнал денешната полициската акција.

 

 

 

Претходна вестПовторно многу смртни случаи: 45 починати за 24 часа и 1.259 нови заразени
Следна вестKK Работнички го совлада КК Куманово