Темно Режим Светло Режим

Димитриеска-Кочоска за одлуката на Уставен суд: Ова е поразително за државата

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска остро реагираше на одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за минимален глобален данок на добивка, оценувајќи дека со тоа директно се нанесува штета на државата.

Таа истакна дека е поразително земјата да се откаже од приход што компаниите, во секој случај, ќе го платат во своите матични земји, доколку не го платат тука. Според неа, компаниите не можат да се ослободат од овој данок, бидејќи станува збор за глобално воспоставена обврска.

Министерката рече дека нема официјална информација за конечна одлука за укинување на данокот, но доколку тоа се случило, изрази жалење поради загубата на приходи за државниот буџет. Таа нагласи дека минималниот глобален данок се применува насекаде и дека компаниите се обврзани да го платат, без разлика дали тоа ќе биде во земјата каде што остваруваат добивка или во нивната матична држава.

Според Димитриеска-Кочоска, укинувањето на ваков закон значи директно дејствување против интересите на државата, бидејќи приходите што можеле да останат во земјата ќе се прелеат надвор.

Инаку, Уставниот суд во ноември минатата година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за минимален глобален данок на добивка, поради наводи дека тој се применува ретроактивно.

Министерката информираше и дека враќањето на средствата уплатени од компаниите по основ на солидарен данок ќе се реализира во две рати. Првата исплата е планирана за март годинава, додека втората ќе следува во март наредната година.

Како што појасни, конечните листи веќе се изготвени, а најголем дел од компаниите се согласиле повратот да се изврши во две фази. Обрасците се подготвени и се очекува Управата за јавни приходи да ги објави на својата веб-страница, по што компаниите ќе ја добијат првата половина од средствата во март.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Науката открива: Поладна спална соба значи подобар сон и повеќе согорени калории

Следниот Пост

До средината на годината 40 нови инспектори на терен