До кога институциите сурово ќе кажуваат на граѓаните: Не сме надлежни?

Ќе одговара ли некој од службите за тоа што ниту една не се одѕвала на повикот на медицинската екипа за префлање на сериозно болно лице од кратовското село до најблиска здравствена установа? Како е можно да се случи да ниедна од институциите – Центар за управување со кризи, полиција, противпожарна единица па се до градоначалникот и локалната самоуправа… да не одговорат на барањето и помогнат да се транспортира немоќното лица? Те не биле надлежни, те…

Вакви прашања се поставуваат по спасувачката драма која што се случила деновиве во кратовско при што неколкумина лица морале пет часа со носила да го носат болниот по планината до здравствен дом.

Од овие институции и денеска, по објавата на докторот Павле Зафиров кој го обзнани скандалозниот случај, нема никакво објаснување за непостапувањето. Досега, реагира единствено Никола Димитров, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашањам кој во објава на ФБ потенцира дека е „фрапиран од ноншалантна демонстрација на префрлање на одговорност на институциите“.

Мислам дека во државава треба да се забрани фразата: не сме надлежни. Јас како носител на јавна должност, јас како граѓанин, јас како човек… јас самиот чувствувам одговорност за оваа поразителна слика. Ова не смее да биде сликата за нашата Македонија. Сите директно повикани, но и сите ние како јавни функционери, сме должни да притискаме и да се бориме за како што и самиот Зафиров вели – да се постават правила, принципи и стандарди, напиша Димитров.

Но, дали и по оваа реакција нешто ќе се преземе, дали некој ќе биде конкретно посочен за одговорен, дали нешто ќе се смени останува да се види. Промени, очигледно се потребни бидејќи ваква ситуација за потребен транспорт на болно лице од некои оддалечени планински села може пак да се случи. А што ако тогаш нема лица кои на носила ќе го префлат до некоја најблиска болница? Ќе биде ли оставен болниот да почине?

Докторот Павле Зафиров во својата објава го раскажа целиот случај, за тоа како добил повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во кратовската општина. Веднаш потоа заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од сестрата, внукот и кумот на внукот на лицето, се упатиле во планината каде го нашле болниот и виделе дека треба да се префрли во болница.

-Замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица, но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не нè удостоија ни да ни кренат слушалка, потенцира Зафиров.

На крајот тој вели дека свесен за цената на секој човечки живот донел одлука, овчарот на импровизирана носилка да го пренесат низ непристапниот предел.

-Професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег. Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилата и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата. Четворица околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки, низ екстремо стремен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја премина и пеш, раскажува за голготата Зафиров.

На крајот, до 19 часот успеале да стигнат до возилата и околу 20 часот да го транспортираат пациентот во Здравствениот дом во Пробиштип каде дежурната екипа го презела и го однела во Штип.

Доживеав 90 годишна мајка низ солзи и лелеци да нè моли да го спасиме нејзиниот син, носејќи го на грб, по истите козји патеки по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син ѝ, нагласува Зафиров во објавата.

На крајот, револтиран од односот на институциите, тој јавно им се обраќа на повеќе функционери меѓу кои премиерот Зоран Заев, министрите Венко Филипче и Оливер Спасовски, како и директорот на Центарот за управување со кризи, Сотјанче Ангелов.

 -Јас, а се надевам и мнозинство на граѓани и граѓанки на оваа беспоштедно сурова Република, кои го читаат ова, не сакам, туку барам одговорност за конкретниот случај и очекувам конечно да почнат да се почитуваат некои правила, принципи и стандарди“, вели Зафиров кој на крајот од својата објава констатира дека човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто, потенцира докторот.

Соодветна реакција мора да има за случајот. Еднаш веќе не се реагирало да се помогне, но ако и сега не се реагира, тогаш тоа е знак дека навистина Македонија станува сурово место за живеење, во кое имаш обврска да плаќаш данок, а да не очекуваш ништо за возврат и да се надеваш дека добри и одговорни луѓе како Зафиров ќе бидат во близина кога имаш зорт.

Претходна вестЌе го најде ли полицијата лекот за пребрзото возење по Скопје?
Следна вестРусија го крши мразот, се одигра фудбалски меч со 32.000 публика