Биографскиот блокбастер „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан е филмот што триумфира на овогодинешните „Оскари“ со седум награди од вкупно 13 номинации. „Опенхајмер“, на годинашното 96-то доделување „Оскари“, ги доби признанијата за најдобар филм, машка главна улога (Килијан Марфи), машка споредна улога (Роберт Дауни Џуниор), режисер (Кристофер Нолан), како и најдобра кинематографија, монтажа и филмска музика.
Статуетките за главна и споредна женска улога отидоа кај Ема Стоун за филмот „Бедни суштества“ и Давајн Џој Рендолф за улогата во „Останатите“.
Филмот „Бедни суштества“ ги освои и трите „Оскари“ за продукциски дизајн, шминка и фризура и за костимографија.
Најдобро оригинално сценарио, според Академијата за филмски уметности и науки, е она за „Анатомија на падот“ на француската режисерка сценаристка Жустин Трије. Најдобро адаптирано сценарио има филмот „Американска фикција“ на Корд Џеферсон.
Драмата на холокаустот на германски и на полски јазик на Џонатан Глејзер „Зона на интерес“ беше прогласена за најдобар меѓународен долгометражен филм. Филмот е продуциран во Велика Британија и стана првиот фил од таа земја што победил во оваа категорија. Овој филм доби „Оскар“ и за звук.
Одличјето за најдобри визуелни ефекти го доби филмот „Годзила минус еден“ од Јапонија.
Најдобра филмска песна е „ „What Was I Made For?“ на Били Ајлиш од филмот „Барби“.
Најдобар цртан филм, според американската Академија, е јапонскиот „Момчето и чапјата“. Најдобар краток филм е „Прекрасната приказна за Хенри Шугар“. За најдобар анимиран краток филм е прогласен „Војната е завршена“.
„20 дена во Мариупол“, кој раскажува за руската инвазија на Украина, беше прогласен за најдобар документарен филм, а режисер е Мстислав Чернов.
За најдобар краток документарец беше прогласен „Последниот дуќан за поправки“ на Бен Праудфут и Крис Бауерс.