Договорени поголеми плати во здравството: За сестрите покачување од 3.000, за останати по 2.000 денари

Се надмина проблемот околу платите во здравството кој предизвика протести на здравствените работници. Двата синдикати за задравство денеска се договорија со претставниците на министерот за здравство Фатмир Меџити за зголемување на платата. На денешната средба потпишаа анекс на колективниот договор и зголемување на платите. Медицинските сестри ќе добијат 3.000 денари зголемување, а останатите вработени во здравство 2.000 денари. Покачувањето ќе важи од март месец, а за официјализација се чека одобрувањето од министерство за финансии и министерот Фатмир Бесими.

-Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто покачување со мартовската плата, изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.

Претходно, членови на двата синдиката, денеска одржаа протест пред Министерството за здравство.

Иако задоволни од денешниот договор, синдикатите велат дека и во наредниот период ќе продолжат со нивните нови барања, заради инфлацијата.

-Со притисок се успеа да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност, рече претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски. Тој, заедно со потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски беа на состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.

Каранфиловски рече дека со неговото непотпишување ќе се доведеле во ситуација 11 илјади вработени во здравството да бидат изедначени со минималната плата.

Претходна вестНад еден тон кокаин пронајден во кутии со банани
Следна вестМалолетник од Скопје исчезнат во 2020 полицијата го фатила како вози „опел“