Докторати во 2022: Најмногу во здравството, ретко во природните науки

Здравството и социјалната заштита се области во кои најчесто докторирале македонските граѓани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за минатата година. Звање доктор на науки минатата 2022 година стекнале 197 лица, што е намалување за два процента во споредба со 2021 година.

-Најголем број (31.0 проценти) докторирале во здравството и социјалната заштита, 17.8 отсто во бизнисот, администрацијата и правото, 10.2 отсто во општествените науки, новинарството и информирањето, 9.1 проценти во уметноста и хуманистичките, се наведува во информацијата.

Останатите области во коишто се вклучени и природните науки се со помал процент на застапеност.

Лани докторска дисертација одбраниле 99 жени, што е 50.3 проценти од вкупниот број лица што докторирале во 2022 година.

Звање магистер на науки и специјалист, пак, во 2022 година стекнале 1883 лица, од кои 1590 или 84.4 проценти се магистри и 293 или 15.6 проценти се специјалисти.

-Во споредба со 2021 година бројот на магистри и специјалисти е намален за 4.7 отсто, наведува ДЗС.

Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2022 година е 61.3 проценти.

Претходна вестУтре се носи одлука за името на бугарскиот клуб во Охрид
Следна вестЛога: Десет чекори ги делат осудените за настаните во Диво Насеље, до екстрадиција во Косово