Лога: Десет чекори ги делат осудените за настаните во Диво Насеље, до екстрадиција во Косово

Уште најмалку 10 чекори ги делат осудените за настаните во Диво Насеље, до екстрадиција во Косово, каде бараат да го издржат остатокот од казната. Ова го тврди новиот министер за правда Кренер Лога.

Министерот ниту ја потврди ниту ја отфрли таа опција, посочувајќи дека осудените ќе треба најпрво да си ја доуредат документацијата бидејќи барањата не им се во согласност со законот.

– Не можам да кажам пред време дали ќе го прифатиме барањето, без да имам став од сите чинители врзани со ова прашање. Би сакал да сум воздржан. Јас го побарав досието поврзано со трансферот на кумановската група. Најголем дел од тие барања не се според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ќе треба да има согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово, кажа Лога.

Од 29 осудени, седуммина се со казни доживотен затвор, 13 казни затвор од 40 години и други пониски казни. Обвинети се за тероризам, за настаните во Куманово од 9 до 10 мај 2015 година, во кои загинаа осум полицајци.

Дел од осудените за настаните од Диво Насеље, имаат косовски државјанства.

Претходна вестДокторати во 2022: Најмногу во здравството, ретко во природните науки
Следна вестИ пензионерите на протест, имало нетранспарентно трошење пари, манипулации на изборите…