Во одговор на последните обвинувања кон Демократската унија за интеграција (ДУИ) како фактор на дестабилизација, партијата реагираше остро, истакнувајќи ја загриженоста за реториката која, според нив, ја разгорува поделбата и ја поткопува еднаквоста и мултиетничноста на Македонија.
ДУИ постави повеќе прашања со цел да ја осветли својата позиција и да го пренесе ставот дека токму тие, а не нивните политички противници, се вистински бранители на единството и еднаквоста во државата.
-Кој ја дестабилизира државата? Тие што велат ‘да ја вратиме земјата на Македонците’ или тие што го бранат мултиетничкиот карактер и еднаквоста? Тие што ги исклучуваат над 40 отсто од етничките заедници или тие што промовираат еднаква демократија?, запрашаа од ДУИ.
Според партијата, ваквите изјави се во насока на создавање поделби, наместо градење стабилност и заедништво, се наведува во партиското соопштение.
ДУИ истакна дека се поставува и прашањето кој вистински ги поткопува темелите на државата, осудувајќи ги постапките за отстранување на делови од Охридскиот договор и обиди за бришење на статусот на албанскиот јазик. Тие сметаат дека ваквите акции ги нарушуваат правата на заедниците и создаваат нестабилност.
Во соопштението, ДУИ потенцира и дека тие се партијата која обезбеди интеграција на Македонија во НАТО и која го отвори патот кон Европската унија, додека некои политички сили со децении ги блокирале овие процеси. Според нив, токму овие активности се од клучно значење за стабилноста на државата и за нејзината меѓународна позиција.
Партијата ги повика сите политички актери да размислат и да дејствуваат за заедничка иднина, единство и мир, наместо да се одлучуваат за политики кои продлабочуваат поделби.