Двајца битолчани истепале тројца полицајци пред салата „Боро Чурлевски“ во Битола

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица осомничени за кривично дело Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, а за едното од нив е предложен притвор.

-Двајцата битолчани, на 22 мај, на паркингот пред Спортската сала „Боро Чурлевски“, физички нападнале тројца полициски службеници кои вршеле работи на јавната безбедност – обезбедување спортски натпревар. Осомничените се затрчале кон навивачите на кошаркарскиот клуб МЗТ – Скопје кои влегувале во салата со полициска придружба и не ја послушале усната наредба од полициските службеници да застанат, информира државното Јавно обвинителство.

Првоосомничениот со тупаници ги удирал оштетените полициски службеници, нанесувајќи им телесни повреди. Вториот осомничен, пак, ги влечел при што му ја искинал службената униформа на еден од полицајците.

ЈОРСМ соопшти дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка  доставил предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, со оглед на тоа што тој и претходно бил сторител на кривични дела, па би можел да го повтори делото или да избега за да не биде кривично гонет.